НАСА почна да го склопува Dragonfly, нуклеарниот дрон за Титан

НАСА влезе во нова фаза од една од своите најамбициозни мисии, откако во лабораториите на Johns Hopkins APL почна интеграцијата и тестирањето на Dragonfly, леталото што треба да полета кон Титан, најголемата месечина на Сатурн. Во првите недели од оваа фаза веќе се тестираат клучните електронски системи, меѓу нив и централниот модул што ја управува навигацијата, комуникацијата и обработката на податоците.

Она што ја прави мисијата посебна е фактот што Dragonfly не е класична сонда, туку роторкрафт, односно летало со ротори, замислено да се движи од локација до локација низ густата атмосфера на Титан. Наместо да слета на едно место и таму да остане, Dragonfly треба да прелетува десетици километри и да истражува различни геолошки подрачја, вклучително и дини и кратерот Селк, во потрага по услови што можат да објаснат како изгледала хемијата пред појавата на животот.

Според актуелниот распоред, мисијата треба да биде лансирана во јули 2028 година со ракета Falcon Heavy од Кенеди центарот на Флорида, а пристигнувањето на Титан е планирано за крајот на 2034 година. Научната цел е да се испитува погодноста на средината на Титан за живот, да се анализира напредокот на пребиотската хемија и да се бараат хемиски траги што би покажале дали таму некогаш постоеле услови слични на оние од раната Земја.

Иако во насловите често се нарекува „нуклеарен дрон“, суштината е дека Dragonfly нема да лета со нуклеарен мотор, туку ќе се напојува со MMRTG, радиоизотопен термоелектричен генератор, ист тип на енергетски систем што го користат и некои американски ровери на Марс. Таквото решение е избрано затоа што на Титан има премалку сончева светлина за ваква мисија да се потпира на соларна енергија.

Зачлени се на нашиот е-билтен