Порастот на насилството и хулиганството во европскиот фудбал, биле во фокусот на синоќешната средба на потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас и претседателот на УЕФА Александер Чеферин.
Средбата беше пред финалето на Суперкупот во Атина, кое од трибините го следеа и Схинас и Чеферин, откако претходно, претседателот на УЕФА одржа средби со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, учествуваше на состанок со надлежните министри и сопствениците на четири фудбалски клубови од Грција, а се сретна и со претседателот на Грчката фудбалска федерација.
Схинас преку Твитер информираше за средбата со Чеферин, соопшти дека разговарале за насилството во европскиот фудбал, ја изрази подготвеноста на ЕУ да помогне во справувањето и истакна дека „автономијата на фудбалот повлекува одговорности, а не само права“.
-Сега е време УЕФА и националните федерации да преземат акција. ЕУ е подготвена да помогне, порача Схинас.
Пред финалето на Суперкупот, претседателот на ЕК го посети местото на кое беше убиен 29-годишниот навивач на АЕК, остави жолти цвеќиња, во боите на атинскиот клуб, а преку Твитер, објавувајќи фотографија посочи дека должност на сите е Михалис „да биде последната жртва на спортското насилство и хулиганството во Европа“.
Повтори дека ЕУ ќе помогне во сите обиди на национално и европско ниво „за злото да не се вкорени“. (МИА)