Турските власти соопштија дека НАТО пресретнал уште една балистичка ракета истрелана од Иран кон турскиот воздушен простор, што е трет ваков инцидент за десетина дена. Според Анкара, проектилот бил неутрализиран од системите на Алијансата распоредени во источниот Медитеран, а турската страна побарала од Техеран да објасни што точно се случило.
Ова е ново заострување на една и онака опасна линија на судир, затоа што Турција веќе не е само сосед што внимателно ја следи војната меѓу Иран, Израел и САД, туку земја членка на НАТО чие небо веќе третпат станува дел од кризата. По првите две пресретнувања на 4 и 9 март, турските власти веќе испратија протест до Иран и јасно порачаа дека нарушувањето на турскиот воздушен простор е неприфатливо.
Во најновиот случај, турското Министерство за одбрана не соопшти официјално која била точната цел на проектилот, но паралелно беа регистрирани сирени и експлозија во близина на базата Инџирлик, еден од најчувствителните воени пунктови во регионот. Токму затоа овој инцидент не се чита само како уште едно техничко пресретнување, туку како сигнал колку блиску до директна регионална ескалација веќе се движи конфликтот.
Иран, пак, негира дека намерно ја таргетирал Турција и понудил заедничка истрага, но тоа не ја намалува тежината на случувањата. Кога ракети влегуваат во воздушен простор на држава членка на НАТО, прашањето веќе не е само дали станува збор за грешка, туку и колку долго Анкара и Алијансата ќе останат на позиција на воздржаност. Засега, од НАТО нема најава за активирање на членот 5, но организацијата веќе го засили својот ракетен одбранбен став во регионот.