Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Не се спасија последните дрвја позади Собрание, никнува катната гаража од проектот „Скопје 2014“

Целата зелена површина позади Собранието оди во заборав, пристигнат е багерот, исечени се и последните дрвја, а парцелата е оградена со лента, почнува изградбата на катна гаража.

Според податоците кои за Рацин.мк ги достави општина Центар, одобрението за изградба е издадено на крајот на август 2014-та односно пред десет години откако ДУП-от беше променет во претходниот мандат во општина Центар за да започне изградбата на сите објекти од „Скопје 2014“

Законски предвидениот рок за отпочнување со градење е две години од правосилноста на одобрението за градење, во спротивно одобрението за градење престанува да важи, токму затоа и општина Центар во два наврати го поништуваше одобрението, но сепак фирмата ДТПУ АНГО дооел увоз извоз од Скопје пред Управниот суд „докажа“ дека може да гради. Она што е нејасно е дали и како инвеститорот може да гради врз основа на одобрение за градба УП1 бр. 28-300 издадено на 26.8.2014 година од Општина Центар, старо 10 години?

Сепак фирмата која требала да гради, а која важи за блиска со ВМРО-ДПМНЕ два пати го испушта овој рок и затоа и се поништува дозволата за градење поради што се води постапка пред Управниот суд.

Она што е интересно е што актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски бил адвокат на ДТПУ АНГО дооел увоз извоз, која важи за блиска со ВМРО-ДПМНЕ, а од самата негова биографија може да се види дека во периодот од 2008 до 2011 година бил и советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште.

Овој период се совпаѓа со промоцијата на „грандиозниот“ проект Скопје 2014 во 2010 година, а Министерството за транспорт и врски беше носител на најголемите и најскапите објекти во овој проект.

Тоа го прави адвокатот Тошковски познавач и близок на овие процеси, освен тоа што во неговиот опис на работа влегуваат имотно-правните спорови експертизата за проценка на недвижен имот.

Тошковски пред судовите застапуваше и други членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ во други случаи. Тој даваше адвокатски и советодавни услуги и на поранешното државно акционерско друштво Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), сега Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), додека таму директот беше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Управниот суд го спасил инвеститорот

-На 26.08.2014 година, Општина Центар-Скопје му издала на инвеститорот ДТПУ АНГО дооел увоз извоз од Скопје Одобрение за градење Уп1.бр.28-300. Одобрението за градење станало правосилно на 10.09.2014 година. Согласно Одобрението, истото престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот на правосилноста согласно член 66 од Законот за градење. Доколку градбата отпочнала да се гради по истекот на рокот од две години од денот на правосилноста на одобрението, градењето се смета за бесправно, велат од општина Центар.

Но бидејќи инвеститорот не започнал навремено со градбата на 30.11.2018 година Општина Центар го поништила одбрението за градење од причини што не започнал навремено со изградба во рок од две години од истекот на рокот предвиден во одобрението.

-Потоа започнува судска постапка, а Управниот суд пресудил во корист на инвеститорот така што, второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски донел решение Уп2.бр.35-633/2018 година од 11.06.2020 година во кое ја уважил жалбата на ДТПУ АНГО дооел Скопје, а решението на Општина Центар-Скопје Уп1.бр.27-671 од 30.11.2018 година го поништил и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка. На тој начин не постои правна пречка да се реализира градбата. Така, имајќи го рокот предвиден согласно Законот за градење, за пријавување на градба, а со тоа и реализација на изградба на објектот, рокот за изградба согласно Одобрението за градење истекува на 10.09.2024 година, велат од општината.

Решението на Општина Центар го потврдило и Министерството за транспорт и врски, но инвеститорот „Анго“ ДООЕЛ поведе жалбена постапка до Управниот суд, кој во декември 2021 година донесе пресуда дека се прифаќа тужбата на инвеститорот и со тоа беа поништени и решението на Министерството за транспорт и врски и на Општина Центар.

Што вели Законот за градба?

Во став 1 од член 66 во Законот е прецизирано дека одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.
Во случаите од ставот (1) на овој член надлежниот орган што го издал одобрението за градење донесува акт за ништовност на одобрението, кој се доставува до органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите и истиот е основ за бришење на сите прибележувања и предбележувања поврзани со недвижноста. Доколку градбата започнала да се гради по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, се смета дека градењето е бесправно – стои во Законот за градење.

Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, кој предвидуваше на овој простор помеѓу Собранието и Домот на Армијата да се изгради подземна гаража, беше изменет кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ и тогаш маркичката за подземна беше заменета со маркичка за катна гаража.

Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето од 2.455 метри квадратни го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 8.355 денари или за околу 135 евра за метар квадратен. Планот предвидуваше гаражата да биде висока девет метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор.

Во периодот кога градоначалник на општината беше Андреј Жерновски, откако сите процедури беа завршени и градежното земјиште продадено, инвеститорот побара одобрение за градба, кое го доби една година подоцна, на 26 август, а правосилно стана на 10 септември истата година.

Подоцна во мандатот на градоначалникот Саша Богдановиќ, во 2018 година повторно беше поништена дозволата за градба на инвеститорот поради тоа што во рок од две години откако решението станало правосилно изградбата не беше почната.

Зачлени се на нашиот е-билтен