Сѐ што има направено во политиката до сега е тоа што два пати ги опцу Бугарите, што му го вратил орденот на Каракчанов и што не се вакцинираше на време во време на пандемијата од Ковидот.
Ѓорѓи СПАСОВ*
Најциничен кон Пендаровски во дебатата на претседателските кандидати на МТВ беше познатиот Максо.
Човекот со дигната глава, говор и и стил на Дуче Мусолини, изгледа како со измиен ум за сопственото политичко минато и делување. Тој говори без срам за “оние што владееле 20 или 30 години во Македонија” како да допатувал од странство вчера или како да паднал од Марс. А само пред 7 години, во Собранието го гледавме со раскрвавена глава од бандите на ВМРО што влегоа таму , кога тој беше пратеник на СДСМ, и негов надежен кадар. Откако не успеа да ја добие повторно подршката за градоначалник од СДСМ, стана градоначалник на Куманово во вториот круг, со подршка од ВМРО и почна да говори , без срам и перде, за тоа како “некои други, а не тој, ја упропастувале Македонија 20 или 30 години”.
Сега му текнало со кадри отпишани од СДСМ, како Горан Минчев и Весна Бендевска да оцрнува се што направила таа партија и да го нуди својот ум како „Максимум за Македонија“.
Чесен човек би се срамел кога го оцрнува и омаловажува сето она што било направено и додека тој бил градоначелник и пратеник од СДСМ. Но, Максо не е чесен човек.
Сѐ што има направено во политиката до сега е тоа што два пати ги опцу Бугарите, што му го вратил орденот на Каракчанов и што не се вакцинираше на време во време на пандемијата од Ковидот.
Како градоначалник на Куманово е на пат да ги влоши и односите со Албанците во таа општина, јавајќи на бранот на македонскиот национализам борејќи се за некоја “Наша, а не нивна Македонија”. Тоа ниту еден предходен градоначалник на мултиетничко Куманово си го нема дозволено.
Со неговата новоформирана партија „За наша Македонија“, ветува Максо, кој се кандидира и за претседател на Македонија, ќе го решел сето она што не било решено во изминатите 33 години.
Ваков максимум ум, Македонија вистина нема видено до сега.
Но, нема видено и поголема бесрамност.
Човек што се откажува и што плука по своето политичко минато, уште побргу, заради политичка кариера и профит, ќе се откаже од политичкото и историско минато на својата татковина, па дури и кога зборува за “Наша Македонија”.
Во неговата политичка кариера еднаш победи за градоначалник со подршка од СДСМ и втор пат со подршка од ВМРО во вториот круг. И измисли дека може да ги победува двете партии, бидејќи за разлика од нив, тој е политички невин, исправен, ниту лев, ниту десен, туку токму тамам, со Ум на максимум.
*Преземено од социјалните мрежи со дозвола на авторот