Дијабетичарите алармираат: Нема доволно глукомери и лекови

Во Северна Македонија лицата со дијабетес се соочуваат со сериозни проблеми во снабдувањето со неопходни средства за контрола на дијабетесот, вклучувајќи глукомери, глукометриски ленти и антидијабетична терапија, кои се есенцијални за секојдневно следење и третман на болеста. Според здруженијата на дијабетичари, недостигот на овие прибори и терапија го отежнува правилното следење на шеќерот во крвта и ја загрозува здравствената состојба на пациентите. 

Од здруженијата упорно апелираат до надлежните институции – Министерството за здравство и Владата – да обезбедат непречена достапност на терапијата и дијагностичките уреди, без да се нудат замени што може да бидат помалку ефективни или не се соодветни за секој пациент. Тие исто така бараат да се воведат критериуми за минимален квалитет, а не најниска цена, кога се набавуваат глукомери, ленти и системи за континуирано мерење на гликемијата (CGM) за илјадници лица со дијабетес. 

Покрај ова, Здружението на лица со дијабетес укажува дека недостатокот на квалитетни глукомери и лентидополнително ги отежнува животните услови на пациентите, бидејќи непоадекватните уреди може да даваат неточни мерења што директно влијаат на одлуките за терапија и контрола на здравствената состојба. 

Таквите пречки создаваат дополнителен стрес, особено кај лицата со тип 1 дијабетес кои мора редовно да ја мерат гликемијата и да ја прилагодуваат инсулинската терапија. Експертите и здруженијата апелираат за итни мерки што ќе обезбедат стабилно снабдување со глукомери, ленти и терапија низ целата земја за да се избегнат сериозни здравствени последици поради нарушено следење на дијабетесот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен