Со текот на времето за некои работи можеби сме отишле чекор напред, но за многу други сме се вратиле чекор назад. Затоа како театарска режисерка сметам дека е важно будно да ги следиме сите општествени процеси кои се на стаклени нозе и постојано да им се навраќаме додека вистински не ги освестиме. Од причина што претставата зборува за овие актуелни теми мислам дека и станува важна на публиката, вели македонската театарска режисерка Нела Витошевиќ за новиот портал trn.mk по премиерата на претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен на сцената на Местно Гледалишче во Љубљана.
Трн: Дали тоа што голем дел од државниот врв на Словенија аплаудираше на вашата престава „Нора“ значи дека тие поинаку се однесуваат кон културните вредности во општеството, дали затоа што преставата има феминистички предзнак па го користат за промоција на родовата еднаквост како важен општествен елемент или сепак вашата работа и умешност беше предизвикувачка да се наполни салата и на премиерата, но и на уште 30-тина изведби потоа?
Нела: Кога директорката на Местно Гледалишче Љубљанско, Барбара Хинг Самобор, ми предложи да ја режирам „Нора“, немав апсолутно никаква дилема дека од тој текст можам да направам претстава која ги задоволува моите критериуми за театар. „Нора“ е дефинитивно моја тема. Во светската литература, нејзиниот лик претставува симбол на женскиот отпор и слобода и се вбројува во првите феминистички текстови кои потикнале дебата за родовата и социјална еднаквост. Истовремено текстот го ставил под знак прашање конформистичкото сфаќање за брачната заедница и отворил голема дискусија помеѓу Ибзеновите современици. Па така ставајќи го под лупа патријахалното општество и сфаќањето за „моралните норми“ тој предизвикал голем скандал и контраверзност за што бил принуден неколку пати да го препишува крајот на делото во кој главната хероина го напушта семејството.
Еден и пол век подоцна гледаме дека стигматизацијата на жената е сè уште присутна и дека борбата за индивидуална слобода е сè уште повеќе од потребна. Најпоразително е тоа што гледаме дека како општество не сме стигнале многу далеку во промислување на стварноста, прифаќање и разбирање на другиот како и во развојот на родовите прашања. Со текот на времето за некои работи можеби сме отишле чекор напред, но за многу други сме се вратиле чекор назад. Затоа како театарска режисерка сметам дека е важно будно да ги следиме сите општествени процеси кои се на стаклени нозе и постојано да им се навраќаме додека вистински не ги освестиме. Од причина што претставата зборува за овие актуелни теми мислам дека и станува важна на публиката. Моето чувство е дека таа се пронаоѓа во светот на Нора како и во другите егзистенцијалистички борби на сите пет лика.
Се радувам што на премиерата имаше позитивен одзив кај публиката, а посебно се радувам што претставата се игра многу често и што најразлични генерации имаат можност да ја гледаат. Верувам дека со тоа темпо ќе влеземе и во следната сезона.
Трн: Иако „Нора“ е текст кој после „Хамлет“ е најмногу поставуван во светски размери, дали успешноста на вашата престава во Љубљана може да поттикне овој текст да се режира дома во современ контекст или во прво време ќе имаме прилика да ја видиме словенечката верзија во Македонија?
Нела: Фактот што „Нора“ е втор најпоставуван текст во светот, зборува за тоа дека женските прашања биле и сеуште се во фокус на јавноста. Очигледно дека во однос на борбите за родова еднаквост имаме уште многу работа во културолошка, во социјална и во економска смисла. Кога ќе ја погледнеме политичката слика во Европа и замавот што го завзема екстремната десницата, па кога ќе видиме дека во голем дел од навидум напредните Соединети Американски Држави законски се изгуби правото на абортус, би рекла дека сме далеку од целта.
Јас сметам дека одговорноста на театарот е да ги става во преден план прашањата кои се можеби јасни само на хартија и се станати дел од секојдневната реторика, но не се јасни во нивната суштина и не се спроведуваат во пракса. Мислам дека ваквите класици кои се занимаваат со универзални теми, а кои преку човечки односи на препознатливи ликови од секојдневието отвараат суштински теми се важни за репертоарските политики.
Се надевам дека ќе успееме да ја донесеме „Нора“ како дел од програмата во рамките на Охридско лето, а потоа се надевам и дека скопската публика ќе има можност да ја види во рамките на фестивалот Рута Група Триглав кој вмрежува неколку театри од бившите југословенски републики. Минатата година Рута беше за прв пат одржана кај нас, а македонската публиката покажа голем интерес. Верувам дека организаторите ќе успеат да го одржат во живот овој фестивал кој е одлична платформа за вмрежување на театрски уметници од разни земји, како и за споделување и размена на театрски искуства.
Трн: Познато е дека условите и принципите за работа низ театрите во Љубљана се целосно поинакви од тука, што е она што го осетивте таму и на ниво на емоција, и на професионален план и во тимската игра и дали барем нешто можеме да пресликаме во нашите театри?
Нела: Од тоа што можев да увидам во тие три месеци колку што бев таму, добив чувство дека третманот на театрската уметност и култура се става на многу високо скалило во општеството. Најнапред можам да кажам дека кај нив буџетите за театар се многу поголеми и продукцијата е далеку помасовна. Буџетската рамка се знае многу однапред што подразбира дека и планирањето на проектите се прави многу порано. Исто така видов дека се наоѓаат многу спонзори, настрана од буџетите кои ги добиваат од министерството и градот. Ми се чини дека успешноста на менаџерите на институциите ја мерат според тоа колку успешни и квалитетни продукции ќе се направат, колку публика ќе донесат и кој е импактот што претставите ќе го остварат. По се изгледа смената на успешни директори не се случува со смената на власт. За тоа зборува фактот што има директорите кои тераат по неколку мандати без разлика на политичките промени.
Мислам дека континуитетот во работата што еден раководител на институција го има допринесува за тоа да се реализираат долгорочни планови и конкретна програма. Континуитетот на менаџерскиот тим исто така значително допринесува за одредени културни политики и стратешки цели да се спроведуваат во целост. Реализираат и копродукции со други театри во регионот, како и значителен број на фестивалски гостувања. Исто така маркетингот е на сериозно високо ниво. Освен социјалните мрежи и сеопшта присутност во тв, печатени и интернет медиуми, целиот град е преплавен со театрски постери светлечки реклами, видеа и слични театрски содржини.
Она што јас го имав како искуство во мојот проект е комплетна посветеност и професионалност од страна на авторскиот и техничкиот тим. Добив неверојатно талентирана актерска екипа (Ајда Смрекар, Матеј Пуц, Јернеј Гашперин, Нина Раковец и Јуриј Дервеншек), со кои работевме по 7 саати дневно и со кои одлично се поврзавме уште на првите проби. За мене беше многу олеснително тоа што брзо доаѓаа до резултат и многу добро слушаа индикации. Главните глумци Ајда Смрекар и Матеј Пуц немаа пропуштено ниту една проба и ми дадоа безрезервна поддршка во текот на целиот процес. Исто така имав одлична соработка со сценографката Урша Видиќ, костимографката Тина Бонча, драматургот Петра Погоревц, другите асистенти како и техничката екипа кои беа постојано присутни на пробите и го дадоа својот максимум. Од целиот процес излегов со многу позитивно и пријатно чувство.
Трн: Со оглед дека станува збор за текст од 19-от век, сигурно сте морале да го адаптирате во современи услови, што практично изолиравте, а што потенциравте од оригиналниот текст и дали сметате дека успеавте да го направите доминантен феминистичкиот карактер, кој пред два века било тешко така очигледно да се престави?
Во подготвителниот процес со драматургот на претставата Петра Погоревц се договоривме најнапред да ги отсраниме сите реплики кои укажуваа на законите од деветнаесетиот век, а кои не се апликативни за денес.
Понатаму јас направив адаптација во која целото дејство е прикажано како сеќавање на Нора за трите клучни денови во нејзиниот живот кои драстично ја менуваат. Драматизацијата е составена од штрихана верзија на текстот на Ибзен, неговите дидаскалии и неколку допишани монолози во форма на сеќавање. На овој начин се доби спој на класичното и современото, а самиот материјал доби една пост-драмска структура.
Но она што сметам дека беше клучно за осовременувања на драмата е тоа што заедно со актерите најдовме модус ликовите да ги направиме денешни и да ставиме акцент на нивните меѓусебни релации и егзистенцијалните проблемите кои ги движат.
Ни беше важно да зборуваме за значењето на индивидуалната слобода и колку често таа е загрозена во современо општество. За тоа дека сме принудени одново и одново да ја освојуваме. Мојата теза беше дека во тој поход психолошките процеси кои ги поминува индивидуата се трауматични и оставаат белег кој го носиме со нас цел живот. Таквите трауми остануваат во колективното несвесно и општеството ги влече со себе како бреме. Мислам дека успеавме во центарот на претстава да ги направиме видливи процесите кои животно не обележуваат.
Исто така имав среќе насловната хероина да ја игра фантастичната Ајда Смрекар. Со неа разговаравме дека многу често во една брачната заедница почнуваме да живееме по инерција, да не приметуваме дека сме станале жртви во сопствениот дом, дека живееме по туѓи правила и губиме конктакт со сами себе. За да излеземе од тој начин на мислење во кој патријахалните норми се императив и за да ја пребродиме идентитетската криза, потребен е процес на метаморфоза. Тоа е процес на спознавање кој не ослободува од стегите на таквото уредување. Затоа споритивставувањето на социјалните стигми е сеуште актуелно и горливо прашање за една жена во современ контекст. Во светот изграден на машки принципи жените кои ќе одлучат да го напуштат семејството се во многу поголема бројка изложени на осуда на јавноста отколку мажите. Ова е и статистички докажано, а постојат и разни „support groups“ во кои жените зборуваат колку и на каков начин се осудени од заедницата. Коментарите на кои се изложени се фрапантни за читање.
Трн: Режиравте во Словенија, а вашите престави „Мојот маж“ и „Работи за кои не зборуваме“, кои македонската публика ги вбројува во заложбите за промоција на женските права, но и за статусот на жената во општеството, достигнуваат рекордна посетеност, секоја изведба е распродадена. Што е мамката во преставите, или сметате дека актуелноста на прашањата ги прави вашите престави да се вбројуваат во најгледани?
Мислам дека клучно за еден режисер е да го прави тоа што најсилно го чувствува во моментот. Тоа што е негова рефликсија и болка за општествените состојби или за некој конкретен сегмент кој го живее и промислува. Магијата што може да ја освои пубиликата ќе дојде од искреноста во пристапот, а не од потрагата по актуелност. Мислам дека ако ја бркаме актуелната тема, а притоа не ја чувствуваме во утробата, голема е веројатноста таа да не проголта. Ние во театар често кажуваме дека на сцена ништо не можеш да сокриеш. Неудобноста како и удобноста во дејствувањето на глумецот или во тоа што режисерот го создал веднаш се препознаваат.
Од друга страна темите за статусот на жената во општеството и женските права мене не можат да ме одминат. Тие се сеприсутни во мојата глава како и во мојот живот. Тоа се мојте секојдневни борби во светот изграден на машки принципи. Затоа изборот јас да ја работам Нора беше повеќе од логичен.