Етничката припадност е уставна категорија и затоа е потребен и нов закон, со кој ќе се предвиди не само етничката застапеност, туку и застапеност на сите категории луѓе што живеат во државата. Со тоа ќе има правична застапеност во институциите на системот, кажа министерот за здравство Арбен Таравари, по повод одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје.
„Уставниот суд одлучи за 100 дена Влада да ги извади на површина проблемите што таму седат со години. Тоа се проблеми што треба да се решат. Етничката припадност е уставна категорија, па затоа треба да има и нов закон. Законот е готов од наша страна, сега очекуваме мислења од меѓународни експерти и од Европската комисија. Се надевам дека набргу ќе го процесираме законот во парламентот, рече тој.
Од друга страна, Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска изјави дека не треба да се брза со новото законско решение за замена на балансерот, туку прво да се отвори широка расправа за новото решение за Уставниот суд да не го поништи и тоа. Минчев призна дека правичната и соодветната застапеност е уставна категорија, а за најавениот предлог на ВЛЕН истакна дека не го видел, но дека владината коалиција има сериозен капацитет за политички дијалог.
Минчев додава дека решението за создадената состојба може да се најде преку два закони кои се во надлежност на Министерството за јавна администрација.
За Минчев е понижувачка идејата за решавање на ова прашање со потпишување декларација кај нотар за чувството на етничка или национална припадност. Реакцијата на опозициската ДУИ Минчев ја оцени како против себе, бидејќи тие самите кога беа на власт донесоа стратегија со која се бара укинување на балансерот.