Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на сработеното во првите 100 дена, Николовски рече дека „Отворен Балкан“ функционира, но со потешкотии.
Иако фактички поплаки нема, транспортерите и стопанствениците се во право дека системот мора да се подобри, напомена Николовски и најави средби со претставници од сите земји на „Отворен Балкан“ за да се направат технички манипулации кои би ги убрзале постапките.
-Фактички поплаки дека „Отворен Балкан“ не функционира немаме. Системот функционира, меѓутоа, да, со потешкотии. Планираме средби со сите земји од проектот во најбрз можен рок.
Овие 100 дена ги потрошивме не залудно, ги гледавте резултатите, меѓутоа работевме на стегнување на капацитетите на Царинската управа и на покачување на сите резултати кои Царинската управа е должна да ги даде кон државата, а тоа се откривачките функции, контролата и финансиските контроли.
Во наредниот период ќе се отвориме многу повеќе кон контакти со земјите што се околу нас, со царинските служби околу нас и ќе почнеме да ги решаваме и тие проблеми, истакна Николовски.
Според директорот, Царината ќе биде „ударна игла“ во борбата против корупцијата и криминалот. За работата на претходното раководство, Николовски не потврди дали се идентификувани неправилности.