Европските туристички центри влегуваат во 2026 година со нов бран давачки што сè потешко се игнорираат при планирање патување. Поентата повеќе не е само „city tax“ во хотел, туку комбинација од такси за еднодневни посети, проценти на сместување, еко-давачки за природни локалитети и посебни надоместоци за крстарења – мерки што градовите ги оправдуваат со преголем туристички притисок, трошоци за одржување и потреба од подобро управување со гужвите.
Венеција повторно ја враќа таксата за еднодневни посетители во шпицот на сезоната. Надоместокот е 5 евра, а за оние што резервираат доцна се зголемува на 10 евра. Таксата важи во одредени денови и часови во периодот од април до јули, додека гостите што ноќеваат во градот, жителите и уште неколку категории имаат исклучоци, но во пракса системот бара регистрација и планирање однапред.
Рим, пак, оди по друга линија – плаќање за поблиско пристапување до најпопуларните точки. Од 2 февруари 2026 година воведена е такса од 2 евра за туристите што сакаат пристап „од прв ред“ до фонтаната Треви во најатрактивните часови, како мерка за контрола на метежот и прибирање средства за одржување. Погледот од плоштадот останува бесплатен, а жителите се ослободени од плаќање.
Во Барселона, фокусот е на поскапување на градската давачка, плус регионалните надоместоци во Каталонија. Од април 2026 градската компонента расте на 5 евра, а кај повисоките категории сместување, со регионалната такса, износот по лице и ноќ може да достигне значајно повисоки суми, зависно од типот на сместување и локацијата.
Брисел ја „стегна“ регионалната давачка за туристички сместувачки капацитети од 1 јануари 2026 година: стандардната стапка е 5 евра по ноќевање за секоја сместувачка единица, а за „homestay“ и кампови 4 евра. Ова е типичен пример за такса што најчесто ја гледате како посебна ставка на сметката, а не како дел од цената што ја гледате во рекламата.
Единбург станува првиот град во Обединетото Кралство со трајна „visitor levy“ за ноќевања: 5% од цената на платеното сместување (пред ДДВ), што се наплатува само за првите пет ноќи. Важи за престои од 24 јули 2026 па натаму, но со важен „пресек“ по датум на резервација – престои резервирани и платени (целосно или делумно) пред 1 октомври 2025 не подлежат на оваа давачка.
Букурешт воведува рамна такса за сместување – 10 леи, односно околу 2 евра по ноќ, без разлика на категоријата на објектот. Наплатата ја вршат сместувачите, платформите за резервации и агенциите, а целта е градот да добие стабилен приход за туристичка промоција и услуги.
Норвешка им даде можност на општините да воведуваат туристички надоместок до 3% на ноќевања во места што се „особено погодени од туризмот“. Клучниот детал е дека мерката е опционална по општини, па истата држава може да има сосема различни правила зависно од дестинацијата и локалната одлука.
Тенерифе воведува еко-давачка за пристап до најчувствителните пешачки рути во Националниот парк Ел Теиде. Надоместокот варира по рута, ден и статус на посетител, со горна граница до 25 евра по лице, а за локални жители и деца под 14 години важат исклучоци. Практично, тоа ја претвора „бесплатната“ природа во резервациски систем со квоти и тарифи, особено за најпопуларните патеки.
Милано, во контекст на подготовките за Зимските олимписки игри, има зголемени туристички давачки во 2026 година за сместувања во радиус околу олимписките локации. Износот е по лице и по ноќ и зависи од типот и категоријата на сместување, а за највисоките категории може да оди до 10 евра.
Највисоката „дневна“ ставка што привлекува внимание е поврзана со крстарењата во Грција: за периодот 1 јуни – 30 септември 2026, надоместокот за симнување во Миконос и Санторини е 20 евра по патник, додека за другите пристаништа е 5 евра. Надвор од шпицот, износите се намалуваат, а таксата се пресметува по пристаниште, што значи дека на маршрутите со повеќе запирања, износот се акумулира.
Во пракса, новото правило за патниците е едноставно: покрај цената за лет и сместување, мора да се смета и на локалните надоместоци што често се плаќаат на лице место, имаат ограничувања по број ноќи, зависат од датум на резервација и понекогаш бараат онлајн регистрација. Токму таму, меѓу ситните букви и локалните регулативи, 2026 веќе почна да го поскапува „евтиниот викенд“.