Објавени прелиминарните резултати од вториот круг на изборите на Косово и Метохија

Косово

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово вчера вечер ги објави прелиминарните резултати од вториот круг на локалните избори, пренесе порталот Радио Слободна Европа.

Според резултатите, Демократскиот сојуз на Косово победил во пет општини, Движењето Самоопределување и Алијансата за иднината на Косово во по четири општини, Демократската партија на Косово во три, а Српската листа и Турската партија КДТП освоиле по една општина.

Кандидатот на Српската листа во Клокот, Божидар Дејановиќ, освои близу 90 проценти од гласовите во вториот круг од изборите за градоначалници.

Лидерот на Српската листа, Златан Елек, изјави дека станува збор за „голема и историска победа“, бидејќи оваа партија победила во сите десет општини со српско мнозинство.

Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи, изјави дека очекува конечните резултати од вториот круг на изборите да бидат објавени за околу две недели.

„Конечните резултати ќе бидат објавени по пребројувањето на гласовите од дијаспората, лицата со посебни потреби и условните гласови“, изјави Радониќи.

Вториот круг на локалните избори на Косово беше завршен денес, и според извештаите, помина главно мирно, без поголеми инциденти.

Избирачките места беа затворени во 19 часот, а според првичните податоци на ЦИК, гласале 32,8 проценти од избирачите, односно околу 479.000 граѓани од вкупно 1.316.672 запишани на избирачкиот список.

Во споредба со првиот круг на 12 октомври, кога излезноста во истите општини изнесуваше 38,91 проценти, во вториот круг е забележан пад од околу шест проценти.

Зачлени се на нашиот е-билтен