Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Обвинителите се обучуваа за злодела против природата и дивиот свет

Борбата против криминалот врз дивиот свет – тема на работилница за јавни обвинители и инспектори

Македонско еколошко друштво со поддршка од Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија организираше Работилница за борба против криминалот врз дивиот свет. Присутни беа јавни обвинители, инспектори за животна средина и ловство, полициски инспектори, како и претставници од заштитените подрачја и ловните друштва. Работилницата беше поддржана и од Академијата за судии и јавни обвинители.

Експертите од Македонското еколошко друштво презентираа за криволов на диви птици и цицачи, како и незаконското труење на диви животни што се актуелни проблеми во Македонија.

Покрај нив презентираа и учествуваа инспекторите Баже Димитревски и Јанко Стојановски од Одделот за криминалистичката полиција и инспекторот Горан Младеновски од Одделот за форензичко испитување при Министерство за внатрешни работи. Освен тоа, излагање имаа Генералниот инспектор за животна средина, Дарко Блинков, и Главниот инспектор за заштита на природата при Државниот инспекторат за животна средина, Пејо Кировски, како и Главниот инспектор за ловство при Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Зоран Вуиќ. Инспекторите презентираа за релеватните законски одредби во областа на животната средина и надлежностите да интервенираат при криволов, а ги истакнаа и моменталните предизвици и капацитетите за ефикасно сузбивање на ваков тип еколошки криминал.

Бидејќи составот на учесниците беше разновиден, дискусиите беа богати со различни искуства на тематиката. Се разговараше за проблемите на чуварските служби на терен и за предизвиците на инспекциските служба и полицијата, како и правосудните органи кога се работи за следење на кривичната постапка. Најчестите случаи на ваков криминал во Македонија се незаконскиот отстрел на дивеч, користењето на примки, мрежи и стапици за фаќање диви животни, труењето, и незаконската трговија со диви видови.

Работилницата вклучи и практичен дел во кој присутните работеа во групи на разрешување на хипотетички случаеви на криволов, со што имаа прилика да ги согледаат сите можни предизвици со кои би се соочиле при таков случај во реалноста.

Во однос на незаконското труење на диви животни, во август оваа година, Државниот инспекторат за животна средина донесе Стандардна оперативна процедура за постапување при ваквите случаи. Сепак, освен за овој документ, моментално во државата има недостаток од јасни меѓуинституциски процедури при криминал врз дивиот свет.  

Главните препораки од работилницата се следните:

  • Потребен е Национален фонд за покривање на активности поврзани со сузбивање на еколошкиот криминал;
  • Потребно е редифинирање и усогласување на законските одредби од областа на животната средина;
  • Потребни се повеќе обуки поврзани со кривичните дела против дивиот свет наменети за правосудните органи, инспекциските служби, но и за ловочуварските и ренџерските служби;
  • Потребна е посебна единица за сузбивање на еколошкиот криминал при Министерството за внатрешни работи;
  • Потребно е подигнување на јавната свест за вакви видови кривични делач
  • Потребно е да се воспостават прифатилишта за повредени диви животни и животни запленети при незаконска трговија.

„Идејата да организираме ваква работилница произлезе од потребата да се отвори дискусија со правосудните органи за предизвиците и причините за неуспешниот исход на истрагите со криволов и имплементираните казни за истите дела. Мило ни е дека успеавме да оствариме соработка со Здружението и со Академијата, како и да овозможиме простор за дискусии со цел да имаме конкретни предлози за понатамошо зајаканување на капацитети во сузбивање на криминалот врз дивиот свет“, вели Арта Старова, проектен координатор на БалканДетокс LIFE од Македонско еколошко друштво.  

Претседателот на Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија, Елвин Вели, изјави дека задачата на правосудните органи е од суштинско значење во борбата против овие криминални активности.

„Нашата улога е не само да ги истражуваме и гониме сторителите, туку и да работиме на превенција и свесност. Мораме да соработуваме со различни институции, организации и локални заедници за да ги идентификуваме и спроведеме законите кои се однесуваат на заштита на животната средина и дивиот свет. Исто така заеднички може да инцираме предлог-измени на законски и подзаконски акти во насока на спречување и превенција на овој вид на криминал онаму каде што ќе биде потребно“, изјави Вели.

Заменик директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, вели дека од страна на познавачите на оваа проблематика идентификувана е потреба од зголемена едукација и подигнување на свеста во правосудниот систем.

„Нашата држава воспоставила правни механизми кои нудат решенија за справување со овие кривични дела, но, посебно од страна на НВО кои делуваат во оваа област, нотирани се многубројни слабости, односно, отсуствуваат административни капацитети на институциите и судовите за нивно спроведување. Воедно, како главни прични се посочуваат немањето на соодветна координација на национално ниво и ресурси за спроведување на истраги“, изјави Исени. Настанот беше одржан во склоп на проектите Балкан детокс LIFE, Програма за закрепнување на балканскиот рис и Зимски цензус на птици и мониторинг на нелегални активности.  

Зачлени се на нашиот е-билтен