Oд утре можно ново поскапување на основните производи

Денеска истекуваат владините мерки за ограничување на цените и трговските маржи на 102 групи производи. Од Министерството за економија и труд најавуваат дека ќе ги анализираат ефектите, а ако се утврди злоупотреба или енормен раст на цените – ќе следат нови, построги интервенции.

„Ќе реагираме со проширување на листата на производи или зголемување на ограничувањата на маржите“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој нагласи дека мерката дала резултати, со пад на цените на храна и пијалаци.

Според Државниот завод за статистика, во март инфлацијата изнесувала 2,7%, додека кај храната и пијалаците е забележана дефлација од 1,3%. Слични трендови се очекуваат и за април.

Заменик министерот Марјан Ристески додаде дека ќе се чекаат конечните податоци пред да се одлучи дали мерките ќе продолжат. „Ако нема потреба – ќе се остави пазарната економија да ги регулира цените“, рече тој, додавајќи дека учесниците во трговскиот синџир мора да ја научат лекцијата – стандардот на граѓаните е приоритет.

Од 20 март, со владината уредба беа замрзнати маржите на стотина производи, а осум основни намирници добија највисока дозволена цена. Со новите законски измени, трговците се обврзани да ги објавуваат и ажурираат цените на своите веб-страници секој ден до 10 часот.

Во фокусот е и изработката на нова, прецизна потрошувачка кошничка, која, за разлика од синдикалната, ќе се базира на поширок број трговци и реална потрошувачка на тричлено или четиричлено семејство. Драфт верзијата е готова, а документот се очекува да биде достапен следниот месец.

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага воведување алатка за споредба на цени, а од министерството велат дека идејата е во разгледување. Целта е да се зголеми транспарентноста и заштитата на купувачите.

По истекот на владините мерки за ограничување на цените на 102 основни производи, институциите повторно сигнализираат можност за интервенции – овојпат поостри и пошироки. Во меѓувреме, трговците имаат обврска секојдневно да ги објавуваат цените на своите веб-страници, а Владата работи на развој на софтвер за споредба на цени во реално време.

И покрај падот на инфлацијата во март за 1,3% во споредба со февруари, според податоците од Државниот завод за статистика, ценовниот притисок е сè уште присутен. Посебно загрижува растот кај земјоделските производи – цените на зеленчукот пораснале за речиси 12%, вината за 13,7%, а маслата и мастите за над 11% во споредба со истиот период лани.

Според последната Анкета за инфлациски очекувања на Народната банка, се предвидува просечна стапка на инфлација од 3,7% за 2025 година – повеќе од првичните прогнози. И покрај краткорочниот пад, економските аналитичари предупредуваат на забавен економски раст и долгорочен ценовен притисок.

Во ваков контекст, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) алармира дека синдикалната минимална потрошувачка кошничка за април изнесува 62.691 денар – зголемена за 836 денари во однос на март, но сè уште недоволна за покривање на трошоците на едно тричлено семејство. „Најмалку 2,5 минимални плати не ја покриваат вредноста на кошничката. Потребно е зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра“, изјавија од ССМ, кои бараат и зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.

Министерството за економија, пак, најави дека во тек е подготовка на нова, официјална потрошувачка кошничка, која ќе се базира на податоци од повеќе трговски синџири и ќе биде пресметана или за тричлено или за четиричлено семејство. „Сè уште не е дефинирано, но одлуката ќе се донесе наскоро“, рече Дурмиши.

Синдикатите, економските аналитичари и граѓаните се едногласни – мерките мора да бидат поефикасни и долгорочни, а Владата ќе мора да најде рамнотежа помеѓу заштитата на потрошувачите и стабилизацијата на економијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен