Одрон и лизгање на земјиштето во Крагуевац: Потпорните ѕидови попуштаат, граѓаните загрижени

Кај научниот комплекс Центар за извонредност во Крагуевац утрово повторно дошло до лизгање на потпорните ѕидови и дел од пристапниот пат, јавува „Глас Шумадије“.

Според информациите од терен, лизгањата стануваат сè почести, а стабилноста на земјиштето е сериозно нарушена, што создава дополнителна загриженост кај жителите во околните згради и идните корисници на комплексот.

Новинарската екипа на Н1 јавува дека денови наназад врнат силни дождови, а дел од потпорниот ѕид се урнал кон станбена зграда во изградба. Полицијата го обезбедува местото, а официјално објаснување – засега нема.

Долгогодишен проект заглавен меѓу прекини и проблеми

Центарот за извонредност – научен комплекс на Универзитетот во Крагуевац – се гради од 2015 година, со првична најава дека ќе биде завршен во 2017 година. Изградбата беше стопирана поради банкрот на изведувачот, а државата досега има вложено 14 милиони евра, според изјавата на министерката за наука Јелена Беговиќ од 2023 година.

Таа тогаш најави и дополнителни 4 милиони евра за опрема, како и инвестиција од 650.000 евра во „чисти соби“ за истражување на матични клетки.

Комплексот предвидува три сегменти:

  • биоинженеринг,
  • биомедицина,
  • истражување на матични клетки.

И покрај сите вложувања, повторното обрушување на инфраструктурата околу комплексот го отвора прашањето за квалитетот на изведбата, надзорот и безбедноста на теренот.

Граѓаните бараат одговори

Жителите од овој дел на Крагуевац изразуваат загриженост и незадоволство, предупредувајќи дека серијата одрони може да доведе до поголеми оштетувања и ризици.

Надлежните институции засега молчат.

Зачлени се на нашиот е-билтен