Одземањето на возила крена протести во неколку градови – Битола, Прилеп, Кочани и Струмица

Протести поради одземени возила попладнево избија во Кочани, Струмица, Прилеп и на дел од регионалниот правец кај Битола, откако граѓани излегоа на улица поради мерката за конфискација на автомобили кај лица што управуваат без положен возачки испит или со забрана, барајќи „правда“ и промена на пристапот на институциите.

Во кочанската населба Трајаново Трло, протестот се одвивал на улицата „Цветан Димов“, каде демонстрантите запалиле гуми и накратко ја отежнале проодноста. Според медиумските извештаи, на терен интервенирале полициски службеници и пожарникари за да се изгаси огнот и да се спречи ескалација, а од институциите се најавува постапување по закон поради нарушување на јавниот ред и мир.

Во Битола, блокадата се префрлила на делницата Битола–Охрид, односно во зоната на правецот што граѓаните го врзуваат со патот кон Ресен, при што бил запален отпад и пластика, а густ чад се гледал од далечина. Дел од присутните, според објавите, извикувале „нема правда, нема мир“ и „бараме правда“, а во видеоснимки што ги пренесоа медиуми се слуша и извикување „5.000 евра кола ми земавте“. Полицијата била присутна и ја следела состојбата, а сообраќајот бил привремено прекинат и пренасочуван.

Организаторите и учесниците, протестираат затоа што сметаат дека новиот режим на санкционирање е пребрз и прескап за нив, а дополнително посочуваат и на, според нив, дискриминација: дел од луѓето тврдат дека поради недовршено образование не можат да пристапат до полагање и со тоа да дојдат до возачка дозвола.

Од другата страна, МВР во последните недели ја засили јавната комуникација за сообраќајните прекршоци и безбедноста на патиштата: за јануари пријави 15.943 прекршоци и 74 лишувања од слобода за „безобѕирно управување“ (член 297-а), а паралелно информира и за случаи во кои се одземале возила на возачи без положен испит, со активна забрана или со фалсификувани документи – во повеќе градови, меѓу кои Битола и Прилеп.

Во моментов, јавни блокади потврдени од повеќе медиуми се регистрирани во Кочани, Струмица, Пирлеп и на правецот кај Битола.

Клучното прашање што останува по денешните блокади е дали државата ќе отвори разговор за преодни решенија и јасни критериуми – така што строгите санкции за опасно возење да не се претворат во колективна казна за сиромашните и маргинализираните, а истовремено да не се релативизира потребата од безбедни патишта.

Зачлени се на нашиот е-билтен