Од Обвинителството, исто така, посочуваат дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
„Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон“, посочуваат од Обвинителство.
Директорот на Агенцијата за националнал безбедност (АНБ), Бојан Христовски вчера изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство не откривајќи детали колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи. За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била се, само не реформирана агенција.
„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство“, рече Христовски.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој наводно бил следен во периодот кога бил опозициски лидер, рече дека остава работата да ја заврши обвинителството. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.
„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат“, изјави вчера Мицкоски.
Од друга страна пак, поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, ги отфрли тврдењата на Мицкоски, порачувајќи му дека никогаш не бил следен од АНБ.
Димовски денеска, на својот профил на фејсбук го повика Христовски да ги отвори тајните досиеа и јавноста да види се. Тој потврди дека во периодот од 2019 до 2022 АНБ преиспитувала безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник, осомничен дека оддавал класифицирана информација, а за што му била поднесена кривична пријава.
„Одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки. Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата“, посочи Димовски.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче повика на декласификација на информациите за да се види за што точно станува збор, за да нема, како што рече, лов на вештерки.