Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Општините не водат сметка колку загадувачи имаат, ниту пак се грижат тие да платат затоа што загадуваат

Во регистарот за Б-интегрирани дозволи на Министерството за животна средина сè уште фигурираат фирми кои некогаш добиле дозвола, но веќе не постојат, а од друга страна, ги нема фирмите кои имаат активни дозволи.

Во општините има илјадници фирми, но и покрај тоа се издаваат само по неколку дозволи годишно. Никој во земјава не располага со точниот податок за бројот на доделени Б-интегрирани еколошки дозволи што општините им ги издаваат на фирмите чие работење влијае врз животната средина.

Општините немаат регистри на загадувачките капацитети на својат територија, па не ни знаат на колку компании треба да им издадат ваква дозвола. Дури и од тие што имаат Б- дозволи не ги наплатуваат давачките, заради што дури и големите општини годишно на оваа основа вкупно собираат само по неколку илјади денари.

Ова се дел од заклучоците на Центарот за граѓански комуникации од истражувањето за процесот на доделување на Б-интегрирани еколошки дозволи спроведено во Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип.

Според Регистарот што го води Министерството за животна средина и просторно планирање иматели на Б дозволите се 278 компании. Во овие општини, според податоците на Државниот завод за статистика има 18.965 фирми, но тие досега издале вкупно 56 Б-интегрирани еколошки дозволи. Најмногу од нив издала Општина Штип, 14, една помалку  Струмица, 13, а 11 Куманово. Седум има издадено Битола, а Неготино има доделено 5 Б-интегрирани еколошки дозволи. На подрачјето на Општина Тетово се издадени 3 Б-интегрирани дозволи, но од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање бидејќи се наоѓаат во заштитено подрачје. Општина Кичево има доделено две дозволи. Најмал број на дозволи, и тоа само една, има во Општина Чаир, каде Б-интегрираните дозволи ги доделува Град Скопје.

Истражувањето открива и дека иако фирмите носители на Б-интегрирани еколошки дозволи треба да плаќаат надоместоци по неколку основи, сепак дури и големите општини годишно на оваа основа вкупно собираат само по неколку илјади денари. Оваа состојба отвора сомнеж дека општините не им ги пресметуваат надоместоците за поседување на Б-интегрирана дозвола на сите носители на дозволите. Дел од фирмите не ги плаќаат редовно ниту ваквите ниски надоместоци за кои се задолжени.

Најмногу приходи просечно годишно прибира Струмица, 165.017 денари, потоа Куманово, 146.204 денари, а на трето место е Неготино, со годишни приходи по оваа основа од 35.000 денари. Штип, од вкупно 14 инсталации што имаат Б-интегрирани дозволи годишно наплатува само 19.308 денари, а Кичево има приходи од 10.230 денари. Иако има седум инсталации што се носители на Б-интегрирани дозволи, Општина Битола просечно годишно наплатувала по само 1.220 денари, или 20 евра.

„Големите разлики во приходите што ги остваруваат општините врз оваа основа, упатуваат на заклучок дека нема воедначен начин на пресметување на надоместоците за Б-интегрираните еколошки дозволи. Со оглед на тоа што годишните надоместоци за најголем дел од инсталациите кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола се идентични секоја година, може да се толкува дека дел од инсталациите не доставуваат ниту годишни извештаи за мерењата за загадувањето и дека нецелосно им се утврдува годишниот надоместок“, стои во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Општините немаат регистри на загадувачи, а единствено општините Битола, Кичево и Куманово имаат изготвено катастри на загадувачи, кои се на ниво на индустрии, и во нив не се наведени поединечни инсталации или загадувањето од нив. Со оглед на тоа што немаат регистри, не може да се очекува да знаат колку компании регистрирани на нивна територија треба да поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола, односно дали побарале дозволи сите фирми што требало да го сторат тоа.

Секоја втора општина се соочува и со недостиг на инспекциски кадар во областа на животната средина. Кичево и Неготино немаат овластени инспектори за животна средина, а Чаир вработи инспектор во 2023 година. Тетово има пет лиценцирани инспектори за животна средина, Куманово два, додека општините Битола, Струмица и Штип имаат по еден овластен инспектор за животна средина.

Извор: МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен