Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека денес ќе се сретне во Москва со рускиот претседател Владимир Путин, при што главна тема ќе бидат енергетските прашања.
„Одам да обезбедам сигурно и достапно енергетско снабдување за Унгарија за зимава и за наредната година“, изјави Орбан во видео-објава на Фејсбук. Тој потсети дека на почетокот од ноември бил во САД, каде што од американскиот претседател Доналд Трамп добил едногодишно изземање од американските санкции за увоз на руска нафта.
„Успеавме, што е одлично… сега ни требаат гас и нафта што можеме да ги купиме од Русите. Затоа одам таму, да осигурам дека Унгарија ќе има енергија по прифатлива цена“, додаде унгарскиот премиер.
Орбан, кој важи за еден од ретките европски лидери блиски истовремено и со американскиот и со рускиот претседател, од почетокот на руската инвазија врз Украина не настојуваше да го диверсифицира увозот и Унгарија остана силно зависна од руската нафта.
Ова е втора посета на Орбан на Москва во последната година. Тој се смета за најблизок сојузник на Путин во рамки на Европската унија.
Според унгарски истражувачки портал, Орбан го организирал патот во Москва „зад грбот“ на НАТО-сојузниците, а со Путин ќе разговара и за гас, нафта, нуклеарна енергија, како и за купувањето на удел на унгарската MOL во Нафтена индустрија на Србија (NIS).

