Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За Орбан независните медиуми и невладини организации се државни непријатели

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), во текстот Орбан отвори истрага за независни медиуми и невладини организации под изговор дека се државни непријатели, известува за пресметката на унгарскиот премиер Виктор Орбан со независните медиуми и невладини организации во Унгарија кои ја критикуваат работата на неговата влада. Последни се две угледни организации, едната е медиумска – Атлатцо која е дел од меѓународна мрежа за известување за организиран криминал и корупција, а втората е невладината организација Транспаренси интернешнал Унгарија, која се бори против корупција. Истрагите се отворени под изговор дека овие организации се закана за државниот суверенитет.

Во продолжение сторијата на ИРЛ во целост:

Унгарската независна медиумска организација atlatszo.hu изминатите неколку месеци е мета на унгарската влада и на провладини медиуми и невладини организации кои и даваат поддршка на владата. На 25 јуни Канцеларијата за заштита на суверенитетот од странско влијание отворила истрага за работењето на Атлатцо. Во писмото кое било испратено до организацијата било наведено дека истрагата се отвора од причина што значаен дел од финансиите на Атлатцо доаѓаат од странство.

„Акос Паловолги, директор на Канцеларијата за заштита на суверенитетот во вторникот преку официјално писмо не информираше дека во мандатот на Канцеларијата, според законот за заштита на националниот суверенитет е и да ги истражува организациите кои користат странско финансирање за да влијаат на волјата на гласачите или пак ги поддржува таквите активности“, информираат од Атлатцо.

Заедно со писмото до новинарите биле испратени и 11 прашања кои новинарите треба да ги одговорат. Некои од прашањата се однесувале на информации кои и онака биле достапни за јавноста, како на пример кои се основачи на здружението, финансиски извештаи и слично. Се барале и сметководствени информации како изводи од банкарска сметка и информации за грантови добиени од меѓународни донаторски организации.

Во барањето од Канцеларијата имало и барање детално да се објасни како Атлатцо соработува со Фондацијата Транспаренси интернешнал Унгарија која во истиот ден со Атлатцо добила официјално писмо дека против нивната организација е отворена истрага. Писмото кое го добила Транспаренси интернешнал било напишано на 6 страни и содржело вкупно 62 прашања кои мора да бидат одговорени.

Според Транспаренси интернешнал Унгарија, Канцеларијата за заштита на суверенитетот „ги напаѓа граѓаните и граѓанските организации кои изразуваат критики за работата на владата под изговор дека „наводно“ го бранат националниот идентитет.

Од моментот кога бил донесен законот за заштита на националниот суверенитет, Атлатцо како и Транспаренси интернешнал изразувале резерва во врска со законот за заштита на суверенитетот кој бил усвоен на крајот на минатата година.

„Во декември заедно со неколку други редакции напишавме дека „иако новоусвоениот закон за заштита на суверенитетот не го регулира работењето на медиумските компании, може сериозно да ја ограничи слободата на независните редакции и медиумски компании и може да ја направи тешка па дури и невозможна работата на новинарите. Се приклучивме и на заедничката изјава на други невладини организации кои протестираа против законот“, пишува во реакцијата на Атлатцо објавена на нивната интернет страница.

Освен оваа истрага и невладини организации кои ја поддржуваат работата на владата на Унгарија правеле притисок врз Алтатцо.

„Во март оваа година, провладини невладини организации на прес-конференција најавија дека ќе формираат работна група за истражување на организациите финансирани со странски пари со посебен фокус на Атлатцо. Прес-конференцијата на провладината пропагандна организација потоа беше пренесена од националната новинска агенција и јавниот медиумски сервис. По прес-конференцијата 20 независни редакции излегоа со заедничка изјава за поддршка на слободата на медиумите и на Атлатцо“, пишува во реакцијата на медиумот.

Унгарија е рангирана на 67 место на индексот на слободата на медиумите, а само пред десет години беше на 40 место. Падот на слободата на медиумите се должи на систематското непочитување на владеењето на правото и авторитарниот режим кој го води премерот Виктор Орбан кому ова му е четврти мандат.

Орбан е екстремно десничарски популист кој на последните парламентарни избори во Унгарија со неговата партија Фидес доби мнозинство во парламентот што му овозможи да носи закони и регулативи без консултации и учество на јавноста.

Орбан, кого Репортери без граници го нарекуваат за „предатор на слободата на печатот“, изминатите десетина години изгради медиумска империја. Овие медиуми ги следат наредбите на неговата партија и добиваат приближно 85% од државниот буџет за рекламирање, а независните медиуми се предмет на политички, економски и регулаторни притисоци.

Атлатцо е независна медиумска организација чија работа е фокусирана на истражувања на криминал и корупција. Атлатцо е членка на ОССРП, меѓународна организација за известување на криминал и корупција.

Зачлени се на нашиот е-билтен