Од СДСМ ја обвинуваат владата на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за здравство и директорот на Фондот за здравствено осигурување дека додека пациентите се оставени да умираат во неизвесност, функционерите патуваат на скапи службени патувања.
Пациентите со рак на бели дробови во Македонија се соочуваат со катастрофална состојба, веќе месец и половина немаат пристап до неопходните терапии на Клиниката за онкологија, алармираат од опозицијата. Недостасува класична хемотерапија, како и виталниот лек erlotinib, кој е на листата на основни лекови на Светската здравствена организација (СЗО).
Министерот за здравство, како што посочуваат од опозицијата, нема увид во реалната ситуација и смета дека лековите „веќе пристигнале“, додека директорот на Универзитетската клиника за онкологија признава дека „понекогаш недостигаат лекови“, но не презема конкретни чекори за решавање на проблемот.
Од СДСМ прашуваат каде завршуваат парите од Фондот за здравство и бараат итен план за справување со кризата, како и јавно преземање на одговорност од власта за оваа хуманитарна катастрофа.
„Здравството не е трошок, туку обврска! Животот нема алтернатива и не прифаќаме молк и празни ветувања“, порачуваат од партијата, барајќи веднаш да се обезбедат потребните терапии за пациентите.