Пакетот законски решенија за високото образование, науката и студентскиот стандард денеска се на дневен ред на 116. пленарна седница на Собранието.
Пратениците треба во прво читање да расправаат за новиот Предлог-закон за високото образование, а на седницата се и измените на Законот за студентскиот стандард, Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката и Предлог-законот за научноистражувачката дејност.
Предложените решенија претходно предизвикаа реакции во академската јавност, особено околу критериумите за избор во наставно-научни звања, автономијата на универзитетите и начинот на кој ќе се оценува квалитетот на високообразовните установи.
Министерството за образование и наука соопшти дека текстовите биле подготвени по шест јавни дебати и консултации со универзитетите и експертската јавност. Според МОН, законите треба да воведат меритократија, мерливи критериуми, поголема интернационализација и посилна контрола на квалитетот.
Меѓу предложените промени е обврската кандидатите за избор во звање да имаат поголем број научни трудови, од кои дел објавени во списанија од базите „Web of Science“ или „Scopus“. Се предвидува и реорганизација на Агенцијата за квалитет, која покрај акредитација треба да врши и евалуација на универзитетите и студиските програми.
Измените на Законот за студентскиот стандард предвидуваат горна старосна граница од 30 години за сместување во државен студентски дом. За потешки прекршувања на куќниот ред, внесување алкохол или дрога, насилство, закани и оштетување на инвентарот се предлага забрана за сместување во сите студентски домови во траење од една до пет години.
