Палестинците во Газа се враќаат во своите уништени градови

Американските претставници потврдија дека 200 американски воени експерти под команда на адмиралот Бред Купер ќе го надгледуваат спроведувањето на договорот.
По повеќечасовниот и напнат состанок на израелската влада, премиерот Бенјамин Нетанјаху во раните утрински часови објави дека владата официјално го прифатила предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа и враќање на израелските затвореници. Ова формално отвори ново поглавје во еден од најкрвавите конфликти на современиот Блиски Исток – војна во која загинаа околу 1.700 израелски и повеќе од 60.000 палестински животи и беше уништена речиси целата инфраструктура на Појасот Газа. Веднаш по објавувањето на прекинот на огнот, што вчера го потврди израелската армија, жителите почнаа да ги напуштаат своите засолништа и да се враќаат во своите уништени градови, иако многумина останаа без покрив над главата, а цели блокови станови беа претворени во прав и пепел.
Дали Хамас ќе биде разоружан?
Во моментот кога прекинот на огнот стапи на сила, Нетанјаху нагласи дека „го исполнил своето ветување да ги врати сите заложници“, истакнувајќи дека 20 од нив се уште се живи, а 28 се мртви. Премиерот додаде дека „ја скршил иранската оска“, од која е дел Хамас, и најави дека израелските сили ќе останат во Газа „за да продолжат да вршат притисок врз Хамас сè додека не го положи оружјето“. Во телевизиско обраќање, тој рече: „Вршивме воен и политички притисок врз Хамас, но битката не е завршена – сè уште имаме многу предизвици пред нас“. Во исто време, тој истакна дека Хамас се согласил со договорот само кога почувствувал дека „јамката околу вратот му се стега“ и дека Израел „ги одзел сите карти од Хамас“.
Сепак, борците на Хамас излегоа на улиците штом примирјето стапи на сила, преземајќи ја контролата врз некои населби – знак дека групата нема да се откаже лесно од својата власт, која ја држи од 2007 година. Военото радио објави дека израелските сили наскоро ќе го завршат повлекувањето кон таканаречените Жолти линии, според договорот со Вашингтон. Канал 12 објави дека 7-та редовна бригада веќе се повлекла од Газа, додека 188-та бригада и резервната бригада на Ециони го напуштаат Кан Јунис, а бригадата Голани и другите единици се повлекуваат од градот Газа и бегалскиот камп Шати. Нетанјаху рече дека владата се согласила на „рамка за ослободување на сите заложници“, додека министрите од крајната десница Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрих гласаа против предлогот, обвинувајќи го премиерот за „капитулација пред Американците“.