„Битола, градот на конзулите има видено многу работи низ историјата и денеска живееме во историски времиња и денеска сме соочени со историски избори. Не мислам на оние кои се пред нас на 24 и на 8, туку воопшто во светот кој толку бргу се менува. Една мала држава мора да мисли кому ја дава довербата да ја води и на општинско и на градско и на државно ниво, кој ќе ја предводи новата влада затоа што во светот кој големите диктираат, а технологијата напредува, малите мора да имаат сојузници и мора да мислат 10-15-20 години однапред“, истакна претседателот Стево Пендаровски на граѓанскиот митинг во Битола.
Тој ги предупреди граѓаните, да не ги лаже умот и пропагандата дека изборите на 24 април не се битни, бидејќи на 8 мај ќе се решавало.
„Во формална смисла на 8 ќе се знаат победниците. Јас ви гарантирам дека на 24 точно ќе се види кој ќе победи на 8 мај. Ако успееме во доволна мерка да се мобилизираме на 24, победата и тоа двојна не може да ни побегне“ рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека членството во НАТО Алијансата е работа, рамна на прогласувањето на независноста на државата, а тоа успеа по долги преговори и со голема помош од нашите стратешки партнери.
„За мала држава, со 1,8 милиони луѓе е огромна работа и огромна гаранција за нашата независност кога седи на иста маса со големите држави кои се главни фактори во меѓународните односи. Малата Македонија денес е на рамна нога со една Америка, со една Германија, Франција, Канада и разговара за горливи проблеми независно од нашата големина, независно од нивната големина, само затоа што постоеше храбра политичка гарнитура која не водеше сметка за својот рејтинг, не се грижеше дали ќе бидат популарни, не мислеше на идниот мандат и мислеше на идните генерации и да ја обезбеди безбедноста на државата за следните децении“, потенцираше Пендаровски.