Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.
На средбата се разговараше за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво, соопштија од Кабинет на претседателот.
Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите
Претседателот ја истакна посветеноста на Северна Македонија да продолжи активно да работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции.