„Сите ние сме различни, за многу прашања можеби различно размислуваме, ама дефинитивно сме обединети околу едно, а тоа е безбедноста на државата. Додека сите други зборуваа, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата го остварија деценискиот сон. Станавме членка на НАТО Алијансата“, рече носителката на листата во ИЕ6 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Славјанка Петровска на централниот митинг во Скопје.
Таа додаде дека во наредните години ќе продолжи инвестирањето во Армијата и припадниците на Армијата.
„Во првите три месеци најавуваме решавање на горливо прашање од кое сите градоначалници вртат глава, а тоа е прашањето на пожарникарите. Ветуваме дека нивната плата ќе биде достоинствена за достоинствен живот. Најмалку 60 илјади денари плата за секој пожарникар, затоа што ја сакаме Македонија, затоа што ја сакаме државата, продолжуваме напред и нема откажување од иднината“, вети Петровска.
Таа додаде дека ќе продолжи градењето на безбедносен систем по НАТО стандардите и повисок стандард за македонските војници.