Пратеничката Славјанка Петровска јавно ѝ понуди помош на Меланија од Куманово, која деновиве преку социјалните мрежи побара заштита за себе и своето семејство, сведочејќи за долгогодишно семејно насилство. Петровска порача дека се подготвени веднаш да се вклучат со конкретна поддршка и обезбедување безбедно сместување.
Во својата јавна објава, пратеничката ја повика Меланија директно да ја контактира, нагласувајќи дека е подготвена да помогне во организирање привремено сместување за неа и членовите на нејзиното семејство. Освен тоа, најави дека ќе побара поддршка и од општествено одговорни компании, организации и хумани граѓани за да се обезбедат достоинствени услови за живот.
„Нема да дозволиме оваа борба да ја водите сами“, порача Петровска, истовремено апелирајќи надлежните институции да продолжат со сите законски мерки за заштита на семејството и спречување на ново насилство.
Случајот на Меланија предизвика силни реакции во јавноста откако таа преку видео обраќање раскажа дека со години живеела во страв од агресивното однесување на својот татко. По нејзиниот апел, институциите презедоа мерки, а Основниот суд донесе одлука таткото да биде упатен на задолжително психијатриско лекување во Специјалната психијатриска болница во Демир Хисар, додека Министерството за внатрешни работи отвори постапка за утврдување на сите околности и евентуални институционални пропусти.
