Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пинокио: Најмала штета од дезинформациите е растењето на носот

„Пинокио не би преживеал во морето на дезинформации. ’На лагата ѝ расте носот’ е просторна уметничка акција и интервенција преку која уметникот Ѓорѓе Јовановиќ ја третира темата на дезинформации кои се присутни насекаде околу нас и оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуваат голем број граѓани“.

Вака од Центарот за современи уметности ја објаснуваат инсталацијата поставена во центарот на Скопје на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец. Ова е една од низата урбани уметнички акции преку кои дел од македонските уметници активно се вклучуваат во борбата против лажните вести.

„Авторот на ова дело поаѓа од констатацијата дека во турбулентни периоди во кои наместо вистината доминираат лаги и манипулации, а наместо доблестите доминираат лажни вредности, секој треба да го прави она што најдобро знае. Во овој случај уметникот креира лесно читливо и атрактивно уметничко дело кое се спротивставува на лажните вести, кои одвнатре го нагризуваат нашето општеството насочувајќи ги луѓето кон погрешни заклучоци“, додаваат од Центарот за современи уметности.

Фото: Центар за современи уметности

Како што појаснуваат оттаму, инсталацијата претставува ликовна комбинација на знакот за пристап до интернет мрежата, во која на едната страна е поставен ликовен приказ на човек кој работи на компјутер и креира лажни содржини кои потоа преку интернет ги шири во онлајн просторот. На другиот крај на композицијата знакот за интернет се трансформира во лик со голем нос, асоцирајќи на носот на Пинокио, односно ја потенцира опасноста од праксата на ширење на лажните вести во онлајн просторот.

„Како дополнителен елемент на ова дело авторот во текстуална порака посочува специфично на низа лажни наративи поврзани со Европска Унија, кои ги разоткрива и на публиката ѝ ги изнесува вистинските факти“, истакнуваат од Центарот.

Фото: Центар за современи уметности

Инсталацијата е со димензии 130х200 цм, а е изработена во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што заеднички го спроведуваат Центар за современа уметноста, Центар за истражувачко новинарство (СКУП) и Националното радио Канал 77. Проектот е подржан од Програмата за дигитален активизам на „TechSoup Global“.

Фото: Центар за современи уметности

РадиоМОФ.мк

Најново