По критиките од Брисел, Јаневска најавува нова стратегија за образование

По пораката на Европската комисија дека реформите во образованието напредуваат „умерено и бавно“, ресорната министерка Весна Јаневска излезе со најавa: новата Стратегија за образование 2026–2032 ќе биде документот што треба да обезбеди континуитет и јасни мерила за резултати. На работилница со домашни и меѓународни партнери таа рече дека „образованието е скапа работа, но вреди повеќе од секоја цена“ и дека стратегијата ќе таргетира инклузивност, дигитална и медиумска писменост, ментално и физичко здравје на младите, како и поддршка и напредни обуки за наставниците; Владата, додаде, ќе ги обезбеди потребните ресурси за имплементација, а содржината е отворена за надополнувања до крајот на месецот. На настанот учествуваа УНИЦЕФ, УНДП, Светската банка, ГИЗ, академијата и бизнис-заедницата, што ѝ дава тежина на ветената инклузивност на процесот.

Европската комисија, пак, во годишната оценка е јасна: Северна Македонија е „умерено подготвена“ во образованието и културата, со ограничен напредок годинава. Реформата на основното образование се движи, но средното – особено стручното (ВЕТ) – каска зад планот. Комисијата бара забрзување на новата стратегија по истекот на 2018–2025, подобро усогласување на наставните програми со потребите на пазарот на трудот и значително проширување на дуалните програми, кои сѐ уште се во пилот-фаза. И покрај покачувањето на платите, квалитетот на наставата останува проблем видлив во резултатите на меѓународните тестирања (PISA, TIMSS), што ја враќа топката кон обуките и методологијата во училниците.

Оваа двојна рамка – политичко ветување за „континуитет“ и европски аларм за „бавност“ – ја отвора и суштинската дилема: дали новата стратегија ќе биде календар со мерливи обврски или уште еден лепезаст документ. Ако Владата навистина обезбеди ресурси, тогаш обврските повеќе не може да бидат општи. Треба да има јасни рокови за модернизација на наставните планови во средното и ВЕТ, индикатори за вработливост по профили, проценти за покриеност со дуално образование и јавно објавени рубрики за напредок по општини и училиштa – токму она што Брисел го чита како „темпо“ и „спроведување“.

Министерката вели дека „веќе година и половина“ се спроведуваат програмски определби што даваат први резултати и дека новата стратегија ќе ја задржи енергијата на реформите. Но европската забелешка е дека резултатите мора да се видат во средното и во поврзувањето со работодавачите: коректив на учебници е важен, но без пракса во компании и наставници обучени за компетенциски пристап, системот и понатаму ќе произведува квалификации што не се „читливи“ на пазарот.

Зачлени се на нашиот е-билтен