Само неколку недели по воведувањето визи за турските државјани, Црна Гора се соочува со првите опипливи последици: илјадници луѓе си заминаа, а десетици компании со турски капитал се избришани од регистрите. Според податоците објавени во Подгорица, од крајот на октомври земјата ја напуштиле околу 9.000 Турци, а во ноември биле затворени 31 турска фирма.
Причината за овој нагол пресврт е одлуката на црногорската влада привремено да го суспендира безвизниот режим со Турција. Формалниот повод беше инцидентот од 25 октомври во подгоричката населба Забјело, кога 25-годишен жител на Подгорица беше избоден со нож. Првичните полициски информации упатуваа на вмешаност на турски и азербејџански државјани, но подоцна истрагата фокусот го насочи кон двајца Азербејџанци како осомничени напаѓачи. Настанот предизвика десничарски протести, а неколку продавници во сопственост на Турци беа оштетени во пожари.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора наведува дека од 27 октомври – денот кога стапија во сила визите – па до почетокот на декември, 8.935 турски државјани излегле од земјата. Истовремено, туристичкиот и бизнис-поток од Турција нагло опаднал, а црногорскиот портал „Банкар“ пресметува дека во изминатиот месец биле затворени повеќе од 30 турски компании, што практично значи по една фирма дневно.
Турските инвеститори во последните години станале видлив дел од црногорската економија. Според податоците на Даночната управа, турски државјани имаат регистрирано 2.140 правни лица во земјата. Најмногу се застапени трговијата на големо, градежништвото, угостителството, консултантските услуги и изнајмувањето и лизингот на автомобили – сектори што силно зависат од странски капитал и од постојан прилив на туристи.
Само во последниот месец, 31 турска компанија била избришана од Централниот регистар, а од почетокот на 2025 година таа бројка стигнала до 234. Локалните аналитичари предупредуваат дека ова е јасен сигнал дека дел од инвеститорите веќе ја преиспитуваат својата иднина во Црна Гора, особено ако правната и безбедносната неизвесност се продолжи.
Официјална Подгорица, сепак, се обидува да испрати помирлива порака. Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ изјави дека верува оти визниот режим за турските граѓани ќе биде само привремена мерка. Според него, безбедносните служби на двете земји веќе имаат засилена соработка по инцидентот во Забјело, а целта е што побрзо да се создадат услови за враќање на либерализираниот режим на патување. „Верувам дека брзо ќе ги ослободиме визите за турските граѓани“, порача Ибрахимовиќ.