Почина Ратка Радмановиќ, театарска, филмска и телевизиска глумица. Радмановиќ имаше 83 години.
Родена во Кочани во 1940, а најголемиот дел од кариерата го минала во Битолскиот театар. Ќе остане запаметена по впечатливите улоги на сцените на македонските театри, особено во Битолскиот народен театар, каде долго време и по пензионирањето имаше носечки улоги на репертоарот. Настапувала и во театрите во Кочани, Струмица, Штип и Куманово.
Радмановиќ остварила десетина улоги на филм, посебно по нејзиното формалното пензионирање. Се прослави со впечатливите улоги во филмовите „Сенки“, „Мајки“ и „Врба“ на Милчо Манчевски.
Радмановиќ глумеше и во „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ на Манчевски, како и во „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, „Џипски меџик“ и „До балчак“ на Столе Попов, „Големата вода“ на Иво Трајков, „Година на мајмунот“ на Блажевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска…
Нејзината улога во „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, каде што игра храбра и бескомпромисна мајка на главниот лик, вистинска панкерка, критичарите ја оценија како иконична.
Радмановиќ беше интересна актерка и за режисерот Емир Кустурица, кој ја ангажираше во неговиот филм ,,На млечниот пат”. Во филмот снимен во 2016 година, со филмската ѕвезда Моника Белучи и Кустурица во главните улоги, Радмановиќ ја глумеше свекрвата на Белучи.
Радмановиќ починала по кратко боледување, а помеѓу нејзините колеги беше позната како ,,Мајче” поради мајчинскиот лик во филмовите.
Погребот на Радмановиќ ќе биде утре во 11 часот.