Получасовен нервен слом и тајни чатови: Како падна вториот најмоќен човек во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот петок, на 28 ноември, го разреши шефот на својот кабинет Андриј Јермак – човек кој важеше за втората највлијателна фигура во земјата. Јермак остана без функција по претресот што антикорупциските органи го спроведоа во неговиот дом поради сомнежи за проневера во државната компанија „Енергоатом“, случај што со недели ја бранува украинската јавност.

Иако долго време кружеа гласини за вмешаноста на Јермак, а советите до Зеленски за негова смена се засилуваа, претседателот досега го штитеше, доверувајќи му дури и клучни преговори со САД околу мировниот план. Но кога истражителите се појавиле на неговата врата, одбрана повеќе немало – иако обвинение сè уште не е покренато. Деталите за драматичната смена ги пренесе „Украинска правда“.

Претресот што сè покрена

Во петокот, околу 6 часот утрината, три возила на Националното антикорупциско биро (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САП) пристигнале во владиниот кварт во Киев со налог за претрес на станот на Јермак.

По првичното одбивање, обезбедувањето морало да ги пропушти. Претресот траел околу осум часа, а биле запленети повеќе телефони и лаптопи. Налогот бил издаден уште на 21 ноември, што значи дека Зеленски имал доволно време да го смени својот најблизок соработник пред почетокот на истрагата.

Додека претресот сè уште траел, во кабинетот на претседателот пристигнале првиот вицепремиер Михаило Федоров, шефот на Службата за безбедност (СБУ) Василиј Маљук, како и челниците на НАБУ и САП, Семен Кривонос и Олександер Клименко.

Според украинските медиуми, Зеленски сфатил дека битките на два фронта – надворешниот и внатрешниот – веќе не го загрозуваат само угледот на поединци, туку и самата стабилност на државата.

„До последно не веруваше“

По едночасовен состанок, Зеленски побарал неколку часа за размислување, по што наредил подготовка на изјава за оставка. Но кога од Јермак било побарано да ја потпише, тој наводно имал „получасовен изблик на бес, со навреди, забелешки и обвинувања“.

„Јермак до последно не веруваше дека Зеленски навистина ќе го смени. Особено не на тој начин – со ставање пред свршен чин“, изјавил извор близок до поранешниот шеф на кабинетот.

Си ги сврте сите против себе

„Украинска правда“ пишува дека Јермак долго се обидувал да постави „свои луѓе“ на клучни позиции, но во критичниот момент никој не застанал во негова одбрана. Неговата смена ја поддржале дури и луѓе кои тој со години ги штител, како Олег Татаров, заменик-шеф на кабинетот задолжен за безбедносните структури.

За разрешењето се изјасниле и претседателот на Врховната рада Руслан Стефанчук и министерот за одбрана Денис Шмигал, а на тоа со месеци алудирале и претставници на Белата куќа. Некои високи функционери дури создале таен групен чат во кој ја координирале неговата смена.

Следниот ден, во тој чат се појавила порака: „Ништо не радува повеќе на саботните фотографии од претседателската канцеларија од празното столче десно од него.“

Јермак: „Одам на фронтот“

Иако обвинение сè уште нема, извори на украинскиот портал тврдат дека тоа е само прашање на време. Јермак најавил дека ќе замине на боиштето.

„Јас сум чесен човек. Ме посрамија, а моето достоинство не е заштитено. Не сакам да му создадам проблеми на Зеленски: одам на фронтот“, изјавил тој за The New York Post.

Во помирлив тон за Financial Times рекол дека му останува пријател на Зеленски.

Неговиот заминување во армијата, велат аналитичарите, нема да го заштити од потенцијално кривично гонење, но може да ја подобри неговата нарушена јавна слика.

Кој ќе го наследи Јермак?

Зеленски сега мора да назначи нов шеф на кабинетот – одлука што ќе покаже дали станува збор само за „козметичко усогласување“ или за вистинска реформа на системот.

Најчесто споменувани кандидати се:

  • првиот вицепремиер Михаило Федоров,
  • министерот за одбрана Денис Шмигал,
  • заменик-шефот за воени прашања Павло Палица,
  • првиот заменик-министер за надворешни работи Сергиј Кислица.

Во меѓувреме, украинската делегација во преговорите со САД ја предводи Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, чие име исто така се спомнува во истрагата за „Енергоатом“, каде што фигурира како сведок.

Зачлени се на нашиот е-билтен