Израелски заложници кои неодамна беа ослободени од Појасот Газа ќе присуствуваат на годинашната комеморативна церемонија во спомен на жртвите на Холокаустот, што ќе се одржи во Полска, јави ДПА.
Израелскиот претседател Исак Херцог утре ќе биде придружуван од десет поранешни заложници, меѓу кои и неколку жени, како и од 80 преживеани од Холокаустот од Израел и од целиот свет.
Од неговиот кабинет информираа дека тие ќе учествуваат на т.н. „Поход на живите“ – марш во должина од над 3 километри од Аушвиц до Биркенау, најголемиот нацистички концентрационен логор за време на Втората светска војна. Херцог ќе се сретне и со полскиот претседател Анджеј Дуда по повод 80-годишнината од ослободувањето на логорите.
Меѓу поранешните заложници кои ќе патуваат со делегацијата е и Ели Шараби, кој ја загуби сопругата, двете ќерки и братот за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023. Тој беше ослободен во февруари како дел од договор со Хамас.
Херцог ќе одржи говор во Биркенау, а во делегацијата се вклучени и роднини на лица кои сè уште се држат како заложници во Газа.