Портпаролката на грчко МНР: Грција се стреми активно да биде присутна во Газа

Целта е Грција да биде активно присутна во Газа, а по синоќешната одлука на советот за безбедност „ќе се оценат сите параметри за да се донесат одлуки за улогата што земјата ќе ја има во регионот“. 

Грција се стреми активно да биде присутна во Газа, како во хуманитарниот дел, така и во реконструкцијата и обновата, посочи портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, нагласувајќи дека земјата ја поддржа резолуцијата за мировниот план на САД усвоена од Советот за безбедност на ОН.

Зохиу објасни дека Грција, како избрана членка на Советот за безбедност на ОН, „имаше активна улога во преговорите и го поддржа планот на САД за Газа, гласајќи позитивно“.

„Станува збор за многу важен чекор и историска можност за прекинот на огнот да биде одржлив и да се консолидира стабилноста во регионот. Приоритет во овој момент е доставувањето масовна хуманитарна помош за цивилите во Газа, обнова и реконструкција на Газа и секако реформа на Палестинската самоуправа, за да може прво да се врати во Газа, но и да се создадат потребните услови за почеток на политичките процедури за решение на две држави“, објасни портпаролката на грчкото МНР.

Повтори дека целта е Грција да биде активно присутна во Газа, а по синоќешната одлука на советот за безбедност „ќе се оценат сите параметри за да се донесат одлуки за улогата што земјата ќе ја има во регионот“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен