Во силна експлозија што вчера го потресе Букурешт, загинаа три лица, а тринаесетмина се повредени и се хоспитализирани, соопштија спасувачките служби. Според првичните информации, најверојатна причина за трагедијата е истекување на гас.
Надлежните органи веднаш покренаа истрага за да го утврдат точниот причинител на несреќата, откако станарите претходниот ден пријавиле дека во зградата се чувствувал силен мирис на гас. Компанијата што го снабдува објектот со гас соопшти дека дотокот бил прекинат, и дека вентилот на еден од приклучоците бил оштетен, што најверојатно довело до експлозијата.
Меѓу жртвите има и жена за која се претпоставува дека била бремена, пронајдена под урнатините на шестиот кат. Експлозијата значително оштети два ката од осумкатната зграда, која според проценките на властите може целосно да се урне, па сите станари беа итно евакуирани, како и ученици и наставници од блиското средно училиште.
„Постои ризик зградата да се сруши, поради што пожарникарите ја евакуираа во целост“, изјави Раед Арафат, шеф на Одделот за вонредни ситуации, кој беше на местото на настанот.
Премиерот на Романија, Илие Боложан, потврди дека објектот најверојатно ќе мора да биде урнат, а околниот кварт е целосно затворен за јавноста поради безбедносни причини.
Спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на урнатините во потрага по можни нови жртви. Две од повредените лица се во тешка состојба, информираа властите.
Од Школската инспекција во Букурешт соопштија дека неколку ученици се здобиле со полесни повреди, кои биле веднаш згрижени од медицински тимови во училиштето, по што родителите ги презеле децата.
Експлозијата ја потресе романската престолнина и повторно го отвори прашањето за сигурноста на старите станбени згради и инфраструктурата за снабдување со гас, која често се смета за застарена и небезбедна.