Пратениците ја отворија темата за тивките поскапувања

Прашањето за растот на цените повторно се отвори во Собранието, откако пратеникот Оливер Спасовски побара од министерот за економија и труд Бесар Дурмиши да каже кои мерки Владата ќе ги преземе по новите поскапувања на прехранбените производи. Во пратеничкото прашање, Спасовски наведе дека за краток период се зголемиле цените на зејтинот, кафето, меленото и пилешкото месо, млекото и јајцата, а како пример ги посочи и цените на зеленчукот на пазарите, каде пиперките се движат околу 300 денари, а доматите над 200 денари.

Во одговорот, Дурмиши рече дека Владата веќе презела мерки за стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард и дека, според досегашните контроли, не се утврдени енормни зголемувања. Тој кажа дека глобалните потреси се одразуваат и врз домашниот пазар, но посочи дека државата реагирала со намалување на ДДВ за нафтата од 18 на 10 проценти, како и со засилен надзор врз трговијата. Според министерот, Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тимови кои вршат контроли низ целиот синџир, од производители до трговци.

Темата за цените е отворена уште од крајот на јануари, кога Министерството за економија и труд соопшти дека инспекторите почнале вонредни контроли во маркетите поради раст на дел од основните производи надвор од т.н. новогодишна кошничка. Тогаш од Министерството беше наведено дека ако цените не се намалат, можно е повторно да се активираат построги мерки, меѓу нив и замрзнување на цени или маржи. Неколку недели претходно, Дурмиши изјави и дека во тој момент нема потреба од интервенција, повикувајќи се на падот на цените на храна и пијалаци во декември.

Зачлени се на нашиот е-билтен