Прекинат сообраќајот во Кочани по протест со палење гуми

Учесниците во протестот запалија гуми на улицата „Цветан Димов“, со што сообраќајот во тој дел од градот беше целосно блокиран во одреден временски период.

И во Кочани попладнево се одржа протест против новиот закон со кој се предвидува одземање на возила управувани од лица без возачка дозвола. Протестот се случи во населбата Трајаново Трло, каде група граѓани излегоа на улица за да го изразат своето незадоволство од законските измени.

Учесниците во протестот запалија гуми на улицата „Цветан Димов“, со што сообраќајот во тој дел од градот беше целосно блокиран во одреден временски период. На местото на настанот интервенираа екипи на противпожарната служба, кои го изгаснаа огнот, како и полициски службеници кои ја обезбедуваа локацијата и го регулираа сообраќајот.

По интервенцијата на надлежните служби, протестот беше прекинат без посериозни инциденти, а сообраќајот беше повторно воспоставен. Засега нема официјални информации за приведени лица или изречени казни.

Од надлежните институции информираа дека ќе постапуваат согласно законските прописи, потенцирајќи дека палењето гуми, блокирањето на улици и попречувањето на јавниот сообраќај претставуваат нарушување на јавниот ред и мир и може да повлечат соодветни санкции.

Новите законски одредби, кои предизвикаа реакции и протести и во други градови, предвидуваат построги мерки за возачите кои управуваат моторни возила без важечка возачка дозвола, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. Дел од граѓаните, сепак, сметаат дека мерките се престроги и бараат нивно преиспитување.

Надлежните најавуваат дека законот ќе се применува доследно, а јавноста ќе биде дополнително информирана за сите наредни чекори.

Зачлени се на нашиот е-билтен