Оневозможувањето на располагање со имот за кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори, а во насока на превенирање кривични дела поврзани со организираниот криминал и корупција е целта на донесувањето на Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка за кој денеска во Клубот на пратеници се одржа јавна расправа.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на настанот истакна дека донесувањето на едно вакво законско решение е неопходно во нашиот систем како дополнителен антикорупциски механизам. Бидејќи, како што појасни, праксата покажува дека поради постоечките празнини во легислативата недоволно се санкционира коруптивното и криминално постапување, дури и во случаи кога криминалот е очигледен, а имотот несразмерен на законски стекнатите приходи.
– Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници. И тоа придонесува за уште поголемо чувство на немоќ на обичниот граѓанин, но и драстично ги изместува клучните вредности во заедницата. Па така доаѓаме до ситуации кога тие што отворено ги манифестираат плодовите на својот криминал, да бидат рол модели за нашите млади. И токму оваа фактичка ситуација треба да ни биде најголемиот мотив за да го подобриме пристапот и механизмите во справувањето со корупцијата и организираниот криминал и да воведуваме конкретни алатки со кои оваа борба ќе стане поуспешна и со повидливи резултати, изјави Грковска.
Истакнувајќи ги придобивките од законот, вицепремиерката Грковска нагласи дека тој не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам. Таа дополни дека особено е важно што со законот се предвидува можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјалните потреби и цели во општеството.
Како што информираше претставникот од Министерството за правда, Никола Прокопенко, донесувањето на овој закон е во пакет со серија други закони кои што во моментов се подготвуваат во рамките на Министерството за правда.
– Тоа е новиот Кривичен законик, понатаму измените на Законот за кривична постапка и посебно значајно законско решение токму во оваа насока е законот за поврат на имот, односно формирањето на Канцеларијата за поврат на имот бидејќи сите овие сегменти претставуваат значајни алки во справувањето со организираниот криминал, истакна Прокопенко.
Според него, во процесот клучни ќе бидат и мислењата на Европската Комисија, бидејќи во однос на оваа материја, како што рече, постојат и одредени меѓународни стандарди кои што ќе мора да се исполнат.
– Целта на овие стандарди е главно да се постигне, тоа и секогаш и Советот на Европа во своите документи го истакнува, одреден баланс од една страна меѓу справувањето со организираниот криминал, меѓутоа, од друга страна и ефикасна заштита на човековите права, посочи тој.
По презентацијата на предлог законот и на меѓународните стандарди и компаративни искуства, следи отворена дискусија за предложеното законско решение, на која стручната фела ќе има можност да ги сподели своите предлози и сугестии, соопшти владината прес-служба.
Изработката на предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка започна со изработка на нацрт текст заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, која беше подготвена во соработка на Кабинетот за политики за добро владеење со Советот на Европа. Врз таа основа, формалната работна група го изготви предлог законот кој е предмет на денешнава јавна расправа. Подготовката на новото законско решение веќе е дел од Патоказот- Владеење на право, од Кластер 1 – Основи и за овие активности постојат рокови чијашто реализација ја следи Европската комисија.