Четиригодишна голгота по сите судски лавиринти заврши со правосилна пресуда: директорот на Алфа ТВ, Јани Бојаџи, е прогласен за виновен за мобинг врз тогашниот извршен продуцент Ненад Мирчевски. Судот утврдил дека во подолг период врз него бил вршен психички терор, деградирање и систематско истиснување од работното место – учебнички пример за мобинг во медиум.
Случајот започнал во февруари 2021 година, кога Мирчевски преку адвокат поднел тужба за психичко вознемирување на работното место. Пресуди се носеле и укинувале во серија – Основниот граѓански суд му дал за право на тужителот, Апелација ја укинала одлуката и вратиле на повторно судење, па повторно пресуда во корист на Мирчевски, која повторно била преиначена во корист на Бојаџи. Дури по ревизија пред Врховниот суд, предметот се вратил во Апелација, каде приказната конечно завршува во корист на работникот што го трпел мобингот.
„Ова е јасна потврда дека гласот на поединецот има моќ да донесе промена“, порача адвокатката Маја Ристова, коментирајќи ја пресудата. Таа ја нарече „голема победа“ не само за нејзиниот клиент, туку и за сите кои се плашат да пријават мобинг во сопствените работни средини, особено во медиумската индустрија каде хиерархијата често се користи како алатка за притисок.
Според судските документи, мобингот траел од март 2020 до 15 јануари 2021 година. Мирчевски најпрво бил усно разрешен од функцијата извршен продуцент без објаснување, а на негово место бил поставен човек кој дотогаш воопшто не работел во редакцијата. Откако ситуацијата ескалирала во организациски хаос и повторно бил повикан да „ја среди работата“, следел нов чекор – прераспоредување на новинарско место за време на најстрогите ковид-ограничувања, токму кога најтешко можело да се поднесе жалба и да се заштитат работничките права.
Државниот инспекторат за труд дополнително потврдил дека Мирчевски немал ни најосновни услови за работа: без компјутер, без интернет, без функционален принтер, без простор за складирање на документи. Во известувањето стои дека му се повредени правата од работен однос и дека работодавачот не обезбедил минимални предуслови за извршување на задачите.
Најилустративни за природата на психичкото малтретирање се бесмислените задачи кои Мирчевски ги добивал. Меѓу нив, судот наведува „истражување, анализи и развој на продукциски план за преадаптација од уреднички во презентерски вести и наративно драматуршко развивање на информативната програма“ и задача со наслов „Релјефот на планината Пелистер и метафизичкото значење на планинските езера“ – документи кои, според тужителот, не биле насочени кон реална продукциска работа, туку кон негово понижување и истиснување од системот.
Еден од најболни моменти што Мирчевски го опишува во исказот е ситуацијата со неговата четиригодишна ќерка. За да ја запише во градинка во време на ковид-протоколи, му била потребна само потврда дека е вработен. Кога ја побарал од директорот, листот, според неговите зборови, бил искинат пред него, со циничен коментар „нека си работи од дома“. За Мирчевски, тоа бил моментот во кој мобингот престанал да биде само професионално понижување и се претворил во директен удар врз семејството.
„Три години живеев во ужас, ми беше уништена професионалната кариера, приватниот и социјалниот живот, ми беше загрозена егзистенцијата и нарушено здравјето“, сведочи тој пред судот. По четири години борба, правдата стигнува – судот правосилно утврдува дека врз него бил вршен класичен мобинг, со психичко малтретирање, деградирање и изолирање од работната средина.
Оваа пресуда е значаен сигнал за сите кои трпат мобинг, но молчат од страв да не останат без работа или да не бидат дополнително жигосани во професионалната средина. Случајот Мирчевски–Бојаџи покажува дека, иако бавно и исцрпувачки, системот може да препознае и санкционира психичко вознемирување, бесмислено прераспоредување и намерно деградирање на работник – особено кога зад приказната стојат доследно документирани докази и упорност да се истера постапката до крај.