Универзитетската професорка Билјана Ванковска ѝ упати отворено писмо на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, обвинувајќи ја за „молк“ околу војната во Газа и повикувајќи ја да заземе „јасен, гласен и морален став“ во име на државата. „Ви се обраќам како професорка на професорка, жена на жена, мајка на мајка, баба на баба“, пишува Ванковска, тврдејќи дека „мнозинството во Македонија разликува Добро од Зло“ и очекува институциите да реагираат.
Писмото, објавено додека претседателката присуствува на Струшките вечери на поезијата, се осврнува и на улогата на уметноста во време на војна. Повикувајќи се на Теодор Адорно и сведоштвата на палестински поети, Ванковска наведува: „Во овој најтемен момент на човештвото, поезијата е чин на отпор… ‘Ако јас морам да умрам/ти мораш да живееш/за да ја раскажеш мојата приказна’“, цитирајќи го Рефаат Алареер.
Во центарот на критиката е, како што вели, „тишината на официјална Македонија“. „Зошто, тогаш, молк? Или општи фрази за ‘мирот во светот’… Интелектуалка, професорка, хуманистка и претседателка (во женски род),“ пишува Ванковска, додавајќи дека Парламентот „одбил да изгласа хуманитарна помош за децата во Газа“. Таа смета дека државата има правна и морална обврска по Конвенцијата за геноцид, оценувајќи: „Не само што молчи, туку и соучествува во злосторот со нечинење.“
Ванковска ѝ предлага на претседателката да иницира консултации за надворешната политика и да поддржи почекорни потези: признавање на Палестина, приклучување кон меѓународни правни постапки и воведување мерки во духот на „вредносната политика“. „Знаете ли дека три четвртини од членките на ООН ја имаат признато Палестина?… Вие сте (или треба да бидете) морален авторитет,“ наведува таа, повикувајќи се и на примери од регионот и ЕУ.
Во финалето на писмото, Ванковска упатува апел до Силјановска-Давкова „да го дигне гласот во име на Палестина“ од меѓународните говорници. „Нашиот народ сочувствува, тагува, станува гневен пред неправдата… Очекуваме нашите политички претставници да бидат нашиот глас,“ заклучува професорката.
До затворањето на текстот, од Кабинетот на претседателката не беше објавена реакција. Ако следува, ќе биде пренесена дополнително.