Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промовирана монографијата за Универзална сала: Емоционална каписла на културата што го стави Скопје на светската мапа

Денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ пред многубројна публика беше промовирана монографијата по повод 60-годишнината од постоењето на Универзална сала – „Скопскиот симбол на хуманоста“, чија авторка е Весна Дамчевска.

Промотори на монографијата беа писателот и универзитетски професор Александар Прокопиев и директорот на Универзална сала Горјан Христовски. Монографијата „Скопскиот симбол на хуманоста“ е четврта авторска книга на Весна Дамчевска и е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, објавена со поддршка на Град Скопје.

Монографијата излегува по повод шестдеценискиот јубилеј од зачетокот на благородната идеја по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година да се изгради сала за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани. Универзалната сала веднаш прераснува во уникатен и нашироко препознаен културен простор, а низ децениите секако и еден од најзначајните урбани белези на Скопје.

Проектот за Универзална сала во 1963 година добива интернационални димензии, земјите од сите страни на светот ја помагаат оваа амбициозна визија, и таа станува симбол на солидарноста за Скопје, станувајќи домаќин на историски настани. Фасцинантен е – и многу, многу долг! – списокот на светски уметници и музички, театарски и танцови ансамбли кои настапиле на подиумот на ова сцена.

Дека се работи за повеќе од објект за манифестации сведочи и изречениот став на музичарот Влатко Стефановски кои присутните можеа да го чујат во пригодниот документарец за Универзална сала снимен за 45-годишниот јубилеј, насловен „Некогаш – сега – засекогаш“, што беше прикажан на почетокот од промоцијата.

„Ако ги корнат даските од сцената при реконструкција на салата, би сакал да ми дадат една да ја ставам во моето студио“, вели Стефановски.

И промоторите на монографијата говореа за таа емоционална димензија што ја има Универзална сала во меморијата на скопјани и другите посетители, кои барем еднаш во животот присуствувале на некој настан. А авторката Дамчевска посочи дека нејзината примарна идеја во креирањето на монографијата била водена од поттикот да се сочуваат сите тие настани од заборавот, негувајќи ја емоционална култура на сеќавање.

Весна Дамчевска затоа ги вкоричува многубројните архивски материјали, преплетени со емотивните сеќавањата на скопјани. Во нејзината монографија се селектирани информациите, податоците, архивските материјали, сведоштвата за нејзината историја и културолошко значење, преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што традиционално се одржувале во овој простор: повеќе од 5.000 манифестации, кои ги проследиле над 5.800.000 посетители.

Универзална сала не е функционална од 2015 година. Деновиве конечно започна нејзината реконструкција со цел„ старата добра“ Универзална сала, како и во минатото, да биде достоен домаќин на идни значајни манифестации.

С.С.

Треба да знаете
Moже да ве интересира