Просечно семејство во ноември трошело над 65.000 ден за голо преживување

Едно четиричлено семејство во Македонија во ноември морало да одвои 65 173 денари само за минимални месечни трошоци за егзистенција, покажуваат најновите податоци од синдикалната минимална кошница на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Сумата е симболично пониска за 371 денар во однос на октомври, кога за истите трошоци биле потребни 65 544 денари – промена која малку ја менува реалната слика: цената на голото преживување и натаму останува далеку над можностите на голем дел од семејствата.

Според пресметките на ССМ, доколку семејството живее под кирија, месечниот минимум уште повеќе се искачува. За изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните минимални трошоци достигнуваат 80 548 денари – сума која веќе драматично го надминува просечниот нето-приход на голем дел од домаќинствата во земјава.

Најголемиот дел од семејниот буџет и понатаму „го јадат“ основните потреби. За храна и пијалоци, едно просечно семејство во ноември требало да издвои 23 534 денари, додека за режиски трошоци – струја, вода, парно, комуналии – потребни се 6 130 денари. Останатиот дел од синдикалната кошница ги покрива трошоците за превоз, облека и обувки, здравје, хигиена, образование и култура.

Податоците од ССМ уште еднаш ја потврдуваат големата разлика меѓу синдикалната минимална кошница и реалните плати на терен: за многу семејства, особено оние со едно вработено лице или со минимална плата, цифрата од над 65 илјади денари останува недостижен стандард, а покривањето на основните трошоци често значи задолжување, кратење на здравјето, образованието или целосно откажување од културни содржини.

Зачлени се на нашиот е-билтен