Незадоволните бараат владата на Илие Боложан да го повлече предлог-законот за реформа на специјалните пензии за магистратите. Планот предвидува намалување на нивната висина и зголемување на старосната граница за пензионирање на 65 години.
Во моментов просечната пензија во правосудството изнесува околу 5.000 евра, а понекогаш достигнува и над 10.000 евра месечно.
Министерот за правда Раду Маринеску изјави за „Диџи24“ дека неговото министерство не било информирано за протестите. Тој потсети дека штрајковите не се дозволени во судството и дека секоја форма на протест мора да обезбеди континуитет во судските процеси.
Претседателот на Романија, Никушор Дан, уште во јули изјави дека „недозволиво е судија кој го напушта системот да зема пензија колку цела плата“, нагласувајќи дека тоа го поттикнува масовното напуштање на кадри и влијае на квалитетот на правосудството.
Според владините предлози, идната пензија ќе изнесува максимум 70 отсто од последната нето плата, наместо 80 отсто од бруто платата како досега. Високиот судски совет оцени дека оваа промена ќе доведе до дискриминација на новопензионираните магистрати.