Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рацин на слободната територија го бакнувал секој партизан што ќе го сретнел, но немал оружје бидејќи бил исклучен од партијата

Рацин.мк во неколку продолженија ќе ги приопшти сеќавањата на Антун Колендиќ, револуционер, современик, но пред сè близок другар на Кочо Рацин. Се запознале на почетокот на 30-те години од минатиот век и поминале разни премрежја во нивната револуционерна борба за слободата и самостојноста на Македонија како дел од некогашна СФРЈ.

Пребарувам по собраните материјали. Еве една интересна фотокопија од Рациновото досие кое го направи бугарската окупаторска „специјална полиција“. Неговото досие – во групата досиеја на опасни комунисти од градот Велес – го носи бројот VII и гласи:

„VII Коста Апостолов Солев („Рацин“) е роден на 2 декември 1909 година во градот Велес. Живее на улицата ‘Свети Иван Рилски’, куќа број 32. Занимањето му е: грнчар. Неженет. Порано беше секретар на Комунистичката партија за цела Македонија. Трипати бил суден поради комунистичка активност. Сега не работи ништо. Често патува во Скопје, Гевгелија, Битола и Прилеп. Природно е многу интелигентен човек и како таков во минатото беше нешто како официјален писател на Комунистичката партија. Пишуваше многу работи за комунизмот како и разни списи со сличен карактер во Македонија. Се дружи со сите комунисти од градот Велес, кои многу го почитуваат. Додека беше во затвор, непрекинато му праќаа пари и помош, која ја собираа овдешните комунисти. Во неговата куќа има различна комунистичка литература, но во најголем дел тоа се негови трудови. Во последно време поголемиот дел од денот го поминува во својата куќа, пишувајќи…“.

Велес под германска окупација во април 1941 година: понтонски мост преку Вардар

Интересен е записот на некогашниот член на Месниот комитет на Партијата во Велес, Никола К.

„Во септември 1941 година новоизбраниот Месен комитет на Велес одлучи да започне да издава ‘Билтен’. Јас бев задолжен да го подготвам и да го искуцам материјалот за овој илегален весник.

Не кажувајќи му никому ништо, јас (и покрај ставот за бојкот на Кочо Рацин), дојдов кај Рацин и му ја објаснив задачата. Тој, со најголемо воодушевување, се подготви и искуца неколку статии, а бидејќи редовно ги слушаше Москва и Лондон, и вести за ‘Билтенот’… Кога излезе ‘Билтенот’, Комитетот ме пофали и се воодушевуваа како добро и писмено напишав и искуцав. Но, тогаш никому не му кажав дека сето тоа го пишуваше и искуца Рацин…“

Прославениот поет на „Белите мугри“ уживаше голем авторитет

Бугарските окупациони власти настојуваа да ги преземат во свои раце сите постоечки друштва и организации. Така, се подготвуваа да постават своја управа на Градското читалиште на Велес. Претставниците на окупационите власти закажале собрание, сигурни дека нивната листа за новата управа ќе биде избрана и потврдена. На општо изненадување, на тоа свечено, неделно собрание на истакнатите граѓани на Велес, се појавил, помеѓу првите говорници, Кочо Рацин. Иако полулегален, гонет и од окупаторите и од Месниот комитет на Комунистичката партија, тој, како прославен поет на „Белите мугри“, уживаше голем авторитет. Затоа неговата појава на говорницата – а сè уште беше во управата на читалиштето – била поздравена со демонстративен аплауз. Охрабрен од таквиот пречек, Рацин возбудено го одржал следниот говор:

„Господа! Ова читалиште секогаш било наше. Ние во сите услови се боревме да го водиме и да го насочуваме, затоа што тоа секогаш беше храм за просветувањето на народот. И затоа Ве предупредувам да не заборавите дека и големосрпските властодршци се обидуваа токму преку ова наше читалиште да водат борба за асимилирање и денационализација на македонскиот народ. Ве предупредувам, немојте да ја преземате нивната пропадната и бедна улога! Оставете нè нас, граѓаните, жители на Велес, да го водиме и да управуваме со нашето читалиште, да го развиваме и ова катче на македонската култура за да израсне во она што велешани секогаш сакаа, во храм на македонската просвета и култура…“.

Смената на Методија Шаторов – Шарло од раководството на македонските комунисти

Кон крајот на 1941 година во партиското раководство на Македонија доаѓа до големи промени. Откако веќе во летото беше сменет секретарот на Покраинскиот комитет Методија Шаторов – Шарло, а потоа и Привременото раководство, во декември, односно поточно во јануари 1942 година, со одлука на ЦК КПЈ за секретар на Покраинскиот комитет е поставен Бане Андреев. Бане веќе во јануари 1942 година го повика Рацин, кого добро го познаваше уште од робијата, од Велес да премине во Скопје. Тука Рацин, како илегалец, работи на пишувањето на печатењето на разни партиски материјали, а особено на подготовката, пишувањето и издавањето на „Билтенот“, како илегален орган на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија.

Добривое Радосавлевиќ – Боби

Меѓутоа, ниту тогаш, и покрај настојувањата на секретарот на Покраинскиот комитет, поради одлучниот став на делегатот на Централниот комитет Боби Радосавлевиќ, Рацин не е примен во Партијата. Само Комитетот официјално му ја тргна казната бојкот, која, патем кажано, повеќе никој кон Рацин не ја применуваше.

[Добривое Радосавлевиќ – Боби (1915 – 1984), српски комунист. Член на КПЈ од 1933 година. Во 1934 година е уапсен и осуден на тригодишна робија, која ја издржува во Сремска Митровица. Во средината на 1942 година ЦК КПЈ го испраќа за инструктор во Македонија, каде останува до крајот на војната. По војната е во врвот на српското партиско раководство, а во периодот септември 1966 – февруари 1968 година е претседател на ЦК на Сојузот на комунистите на Србија.]

Бане Андреев ми раскажуваше дека Рацин повеќепати ургираше да се расчисти неговото „прашање“ – всушност, прашањето на неговата казна и враќање во Партијата – но секогаш му е одговарано дека тоа треба да го реши Централниот комитет!

Некои македонски партиски функционери го гонеа тогаш сè уште живиот Рацин

Во Архивот на Централниот комитет на КПЈ (денес СКЈ) се наоѓаат и две писма од септември, односно октомври 1942 година, кои ги упати инструкторот на ЦК КПЈ Боби Радосавлевиќ од Скопје. Во нив Радосавлевиќ го прашува Централниот комитет за мислење во врска со казната, односно држењето кон Коста Рацин.

Тие писма – за кои, многу подоцна, самиот Добривое Радосавлевиќ – Боби, мој стар содругар од робијашките, митровски години, ми кажа дека ги пишувал врз основа на „реферирањето“ на некои македонски партиски функционери – како што го гонеа тогаш сè уште живиот Рацин, ќе ме прогонуваат и мене и уште некои стари комунисти-робијаши со години и години подоцна.

Имено, Боби Радосавлевиќ, како делегат – или инструктор на Централниот комитет – испратен е во Скопје во тие најтешки денови, во страшната 1942 година. Бараше врска и потпора прво помеѓу нас, старите комунисти, пред сè робијаши. Длабоко конспиративен – зашто веќе од порано беше познат и во Скопје – Боби целата своја работа мораше да ја ограничува на партиските врски кои му ги даваше комитетот на чело со Бане Андреев. Тие „врски“, а тоа беа, главно, легализираните домашни кадри, од кои многумина беа против вооружената борба и ги сметаа нашите први партизански одреди формирани во Македонија (Скопскиот, Кумановскиот, Прилепскиот…) за „левичарски авантуризам“! Како и за Рацин така и за сите нас, тие „партиски врски“ даваа свои, за нас ликвидаторски обоени извештаи. Извештаи кои не се воздржуваа од гадни, клеветнички лаги и подметнувања.

Така, за мене Боби Радосавлевиќ во тоа исто писмо од октомври 1942 година упатено до ЦК го напиша следното:

„Колендиќ побегна во Софија. Таму некако се легализира. Таму стана прибежиште и за други па му го посочив вниманието на Централниот комитет на Бугарската партија да не се обидуваат таму да се рехабилитираат.“

Боби немаше поим според кои задачи бев испратен во Бугарија. Меѓутоа, неговите „партиски врски“ му го премолчаа фактот дека јас, кратко време пред тоа, во големиот процес против првоборците од Првиот скопски одред, бев осуден на смрт од бугарскиот воен суд и дека, бидејќи бев во бегство, за мене се издадени потерници со ветување на голема парична награда за секого кој, „жив или мртов“, ќе им го предаде на бугарските власти „Антун Хрватин“, како што ме нарекуваа…

Никогаш не сум му се лутел ниту му приговарав на мојот стар другар Боби што – во своето писмо до Централниот комитет – вака тешко ме обвинува: дека сум „побегнал“ и тоа – во Софија!

Зашто се знае што за нас, старите комунисти, значеше обвинувањето дека некој „побегнал“ кај никој друг туку кај – Бугарите! И тоа обвинување да му биде директно упатено на Централниот комитет!

Меѓутоа, јас исто така добро знаев дека Централниот комитет секое обвинување, особено кога станува збор за стари комунисти, мора да го разгледа, да го проучи и – да донесе своја, мериторна и единствено важечка одлука!

Така беше и во мојот случај. Централниот комитет на КПЈ, во јануари 1945 година (врз основа на предлогот на комисијата во состав: Александар Ранковиќ, Крсто Попивода, Светозар Вукмановиќ – Темпо и Бане Андреев), донесе своја одлука врз основа на која јас, со чин на виш офицер на ЈНА и како член на Партијата, ја продолжив својата работа во редакцијата на тогашна „Борба“.

Рацин ја немаше таа среќа да дојде пред Централниот комитет, каде што би се „расчистил“ неговиот „случај“…

Апсењето и полициската тортура врз рацин во 1942 година

Туку, да се вратиме на редоследот на настаните.

Рацин, не се знае од кого, е пријавен и уапсен во септември 1942 година и, и покрај стравотните мачења, на полицијата не ѝ призна ништо ниту ја откри печатницата ниту својата работа. Поради недостигот на какви било материјални докази – и признанија – бугарските власти не го изведоа пред суд, туку, во зимата 1942 година, го интернираа во селото Корница во Пиринска Македонија…

Со првите пролетни денови – во април 1943 година – Кочо Рацин бега од интернација и како илегалец доаѓа во Скопје, каде најде некои другари кои го поврзаа со писателот Владо Малевски. Не случајно. Малевски, имено, токму тогаш, по задача од Партијата, собираше групи македонски интелектуалци кои требаше да се префрлат на слободната – партизанска – територија во Западна Македонија.

Кон крајот на мај 1943 година Рацин, со одлука на Централниот комитет на Комунистичката партија на] Македонија, е доделен на работа во партиската техника, всушност печатница, која се наоѓаше во земјанката на „базата“ на ЦК на Македонија на слободната територија над Лопушник близу Кичево.

Спомен-плоча на местото на загинувањето на Рацин во Лопушник

Писателот, мој пријател и многу душевен човек, Владо Малевски, кој знаеше за моето старо пријателство со Кочо Рацин, цела една вечер во Скопје ми раскажуваше за неговите последни денови.

Владо, со меланхоличен и тивок, тажен глас, со долги прекини ми ја доловуваше сликата како Рацин, по бегството од Бугарија и интернацијата, со денови барал врска со него, зашто од другарите слушнал дека Малевски е „задолжен“ за префрлање на симпатизерите и интелектуалците на слободната територија во Западна Македонија. Малевски ми тврдеше дека некои членови на Комитетот, со кои одржуваше врска, му наредија да го прекине контактот со Рацин и дека не доаѓа во обѕир да го вклучи во „транспортот“ за илегален премин на слободната територија. Но, Малевски не ги послушал, зашто имал изречна директива од ЦК на Македонија дека мора да делува што пошироко. А Рацин лично го обожувал!

Рацин на слободната територија не смеел да биде партизан, туку само пропагандист

Кога дошол Рацин на слободната територија, се радувал како дете. Го бакнувал секој партизан што ќе го сретнел. Бил пресреќен гледајќи ја нашата – „прва пролетерска војска на Македонија!“

Постојано повторувал: „Ќе победиме! Наскоро ќе победиме!“

Со нетрпение ја чекал одлуката за „распоред“ т.е. одлуката на ЦК во која единица или на кој сектор од работата ќе биде распореден. Бил очаен кога му е соопштено дека не оди во единица, т.е. како што тој зборувал, „во партизани“, туку на работа во агитпропот. И тоа: во печатница!

Го молел и преколнувал Малевски да го промени ова решение, но тука немало каква било помош. Страхил Гигов отсечно ја одбил секоја расправа. Објаснил дека тоа е одлука на Централниот комитет!

Инаку, Рацин не добил никакво оружје, затоа што не бил партиец. Дури морал да го предаде и малиот револвер, калибар 6,35, кој го добил од некого…

Малевски последен пат го видел Рацин кога тој копал земјанка за сместување на печатарската машина. Му раскажал тогаш, радосен и со гордост, дека веќе петти ден копаат: „И дење и ноќе тој со уште два другари и дека набрзо ќе ја завршат длабоката и добро маскирана земјанка…“

Еве што за тие денови пишува Страхил Гигов – Андро, заменик политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, т.е. одговорен по партиско-кадровска линија, во својата автобиографска книга „Сеќавања“ (271-273 стр.).

„Кон крајот на мај, заедно со една поголема група комунисти и борци, во нашата ‘база’ пристигна и Кочо Рацин. Беше бескрајно среќен кога ги виде првите партизани. Се радуваше како дете и им ги бакнуваше петокраките на капите. Навистина беше возбудливо да се гледа со каков поетски жар и воодушевување тој ја доживува Револуцијата. Едноставно не можеше да му се изнарадува на сето она што го виде во нашата ‘база’. Особено на фактот дека веќе сме формирале Централен комитет и Главен штаб и дека се создава македонска војска. Сето тоа го доведуваше до восхит. Ги прегрнуваше партизаните, возбудено зборувајќи: ‘Другари, ќе победиме!’

Како искусен револуционер и идеолошки изграден комунист, ние го вклопивме во Одделението за агитпроп, особено да подготвува, редактира и печати разни материјали. Оваа задача тој ја прими со големо воодушевување, со жар, љубов и совесност се фрли на работа. Целиот се предаде на исполнување на добиените задачи.

Тој од порано имаше проблеми со слухот. Во шумата слухот уште повеќе му ослабна. Беше необично љубопитен. Сакаше веднаш сè да види и да разбере: и нашата организација во базата и техниката и околината.

Еден ден ни се изгуби. Го баравме цел ден. Се плашевме од најлошото. Дури пред вечерта го најдовме. Излегол да прошета, но загубил ориентација и залутал. Тогаш му забранивме да излегува сам надвор од ‘базата’. Се движеше само во кругот, чија граница беше печатницата, која од просторијата во која живееше не беше оддалечена ниту триста метри. Не сакавме да го изложуваме на опасност. Тој допрва требаше да создава, да пишува за борбата и за Револуцијата.

Кобната ноќ за Рацин

Беше многу вреден. Неуморно работеше од утро до мрак. За него немаше задача кој не би ја извршил. Покрај тоа, беше извонредно упорен човек и ништо не сакаше да прифати или да одобри пред да биде убеден во правилноста на тој став. Токму во тоа време, се сеќавам, се актуелизира прашањето околу распуштањето на Коминтерната (Коминтерната е распуштена на 15 мај 1943 година, како отстапка на СССР на западните сојузници).

Рацин никако не можеше да сфати дека во овие, новонастанати услови, комунистичките партии не можат да бидат раководени од еден центар т.е. од Коминтерната. Во врска со ова прашање тој беше подготвен да дискутира со секого надолго и нашироко. Понекогаш, богами, многу остро расправаше со сите кои имаа спротивни мислења.

Втор конгрес на Коминтерната

Во тоа време настојувавме што повеќе да ги прошириме и зацврстиме врските со народот од тие краишта, особено со населението со турска и албанска националност. Попладнето на 13 јуни, Добривое Радосавлевиќ и јас тргнавме во селото Кленовец, кое беше само неколку километри подалеку од нашата ‘база’… Во приквечерината, некаде по првиот мрак, додека сè уште бевме во селото, слушнавме пукот од правецот на базата. Прво помисливме дека се балистите, бидејќи веќе неколкупати порано напаѓаа. Наслушувавме, но пукотницата престана…

По еден час во селото дотрча Аризан Несторовски – Марче, кој тогаш беше курир на Главниот штаб.

Возбудено ни јави: ‘Рацин е тешко ранет!’ ‘Не знаеме дали ќе преживее…’

Оваа вест нè потресе. Веднаш ги прекинавме разговорите во селото и побрзавме во базата.

Кога стигнавме, веќе беше мртов. Издиша на рацете на Киро Георгиевски – Дејан.

Сакавме да формираме комисија за да го испитаме целиот случај. Меѓутоа, беше очигледно дека се работеше за несреќен случај. Рацин беше ранет од Мино Минов, негов најблизок другар и соработник во печатницата. Мино тогаш бил на стража. Неколкупати викнал ‘стој!’, но Рацин не го слушнал поради ослабениот слух.

Рациновата смрт беше голема загуба за нашата Револуција. Неговата смрт сите ние ја поднесовме многу тешко, а најтешко му беше на Мино Минов, неговиот добар пријател и другар со кој се дружеше и пријателствуваше уште пред војната.

Го погребавме следниот ден, во тешка и мачна атмосфера.

Ги одвоивме сите негови лични работи, кои ги спакувавме за, во згоден момент, да му ги предадеме на неговото семејство.“

. . .

Така загина и во плитка, на брзина ископана јама, без сандак, покриен со земја, е закопан Кочо Рацин, всушност Коста Солев, човек кој, заедно со Гоце Делчев, беше – и остана – најсветол лик на борбената преродба и афирмација на македонскиот народ.

Кочо Рацин со својот макотрпен и херојски животен пат и со трудбеничкото творештво израсна во голем, симболизиран лик на македонскиот работен човек, кој се издигна во висините на Хегеловите категории на Слободата и Иднината. Тој, а тоа е неговата историска големина и заслуга, со творештвото и саможртвата се издигнуваше над моментот на политичката стварност и се бореше, барајќи пат и начин Македонија да не ја доживее трагичната судбина на вечно поделената и покорувана Ерменија…

(Продолжува)

Антун (Антон) Колендиќ (Омиш, Хрватска, 1914 – Марина ди Рагуза, Сицилија, Италија, 29 април 1999), е југословенски комунист, амбасадор, публицист и учесник во НОВ. Член на СКОЈ во 1932, а на КПЈ во 1933. На почетокот на 1934 тој дошол од Загреб во Скопје со задача да ја обнови партиската организација во Скопје и да ја поврзе со Централниот комитет на КПЈ. Во Скопје Колендиќ го обновил и Обласниот комитет за Македонија и бил на негово чело како привремен секретар. Во декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на четири години. Казната ја одлежува во затворот во Сремска Митровица. На 12 јануари 1940 година е интерниран во концентрациониот логор во Билеќа.

По бугарската окупација на Македонија, Колендиќ станува член на Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август 1941, каде што е партиски секретар, а по распуштањето на одредот живее во илегала и одреден период престојува во Бугарија. Во мај 1942 година во процесот против борците на Првиот скопски одред бугарскиот воен суд во Скопје во отсуство го осудува на смрт со бесење. По крајот на војната работи како уредник на весникот „Борба“, а потоа е долгогодишен дипломат во југословенските дипломатски претставништва во Софија, Виена, Грац и Западен Берлин, припадник на разузнавачкиот сектор. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи одликувања на СФРЈ.

Текстовите во овој фељтон се базираат на мемоарите на Колендиќ врзани за Рацин, за прв пат објавени во белградското списание „Књижевност“ 1986 година (бр. 1-2, 231-240 стр. и број 3, 513-521 стр.) и на необјавениот ракопис „Животот и смртта на Кочо Рацин“, чии извадоци за прв пат се печатени во списанието „Млад борец“ во 1990 година (од 21 февруари и 7 март 1990 година). Текстовите се во превод на Здравко Савески, наведени според онлајн изданието „Марксист“.

Опремата на текстот е редакциска. За насловната графика на фељтонот се искористени ВР портретите на Кочо Рацин на Небојша Гелевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен