Радмила Шекеринска, поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија е името кое најспоменувано како заменик генерален секретар на НАТО, пишува денеска Политико во текстот со наслов „Прва задача на Марк Руте: Да најде женска десна рака како негов заменик“.
Според дипломат и висок функционер на НАТО, доколку биде избрана, Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската унија.
Земјата влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство, пишува Пиолитико.
Според овој медиум, пред да го започне својот нов мандат како шеф на НАТО, новоизбраниот генерален секретар на алијансата Марк Руте веќе минува низ неколку биографии од оние кои сакаат да бидат негова десна рака.
Актуелниот заменик, Мирчеа Џоана, кој ја извршуваше функцијата од 2019 година, се очекува да се повлече за да се кандидира на романските претседателски избори во ноември, изјавија претставници на НАТО за ПОЛИТИКО.
Висок дипломат на НАТО од Западна Европа рече дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Руте.
Разговорите во седиштето на НАТО се фокусираат на две поранешни функционерки од Северна Македонија и Бугарија.
„Можеби функцијата ќе и припадне на жена од Источна Европа“, изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску за ПОЛИТИКО. Руте ќе го преземе кормилото на НАТО на 2 октомври, во време кога воената алијанса се стреми кон итна мисија да го поддржи источното крило со цел да спречи каква било потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години, доколку одлучи да го стори тоа.