Албанскиот премиер Еди Рама повторно ја внесе балканската иронија во дипломатски амбиент што по правило бара мерка. На 14 јануари 2026 година, на панел-дискусија во Абу Даби во рамки на „Sustainability Week 2026“, разговорот за енергетски коридори и зелена транзиција кратко се претвори во сцена за политички потсмев – насочен кон Грција и Црна Гора.
Според официјалниот транскрипт објавен од кабинетот на албанскиот премиер, Рама влезе во вербална расправија со модераторката, која се претставила како Гркинка. Во контекст на разговорот, тој ѝ забележал дека Грците „ги потценуваат луѓето“, па додал дека „мислат дека имаат монопол на филозофијата“, повикувајќи се на симболиката на Платон и Аристотел. Во истата размена, го искористи моментот да ја потсети дека „соседите се знаат многу добро“, а провокацијата ја облече во форма на шега која во регионот ретко останува само шега.
Веднаш потоа, Рама ја префрли „стрелата“ кон Црна Гора – и тоа преку очигледна хипербола. „За да не им го јадам времето на оваа голема земја – Црна Гора е најголемата и најсилната во регионот, со 50 милиони граѓани“, рече Рама, со што предизвика нов бран реакции и коментари во регионалната јавност. Формулацијата е толку далеку од реалноста, што пораката се чита како саркастична карикатура на балканските суети и наративи за „големина“ и „влијание“.
Дел од медиумите во регионот веќе ја оценија изјавата како провокација која создава непотребни тензии, додека други ја толкуваат како препознатлив стил на Рама – политичка театарска форма во која хуморот служи како алатка за доминација во просторот. Но токму тука е ризикот: кога лидер се шегува со соседите од говорница на меѓународен настан, границата меѓу духовитост и дипломатска навреда станува тенка, а контекстот почнува да живее самостојно во медиумите и на социјалните мрежи.
Ова не е првпат Рама да ја користи Црна Гора како „реквизит“ за својата иронија. На 21 октомври 2025 година, на панел во Лондон организиран од Chatham House – настан што се одржал непосредно пред Самитот на Берлинскиот процес – Рама, во присуство на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, влезе во сличен тон на добацивање и прекинувања. Во транскриптот од тој настан се бележи и неговото „постара од Грците“, како и добацувањето „постара од Србите“, додека Спајиќ зборувал за државноста и суверенитетот на Црна Гора.
Берлинскиот процес, пак, е токму платформата што треба да ја држи регијата во јазик на соработка, а не на потсмев. Самитот во Лондон на 22 октомври 2025 година беше формално посветен на регионална координација, безбедност, миграции и економска конвергенција – теми што бараат внимателна дипломатска комуникација. Во таков контекст, настапите што се паметат по „духовити бодежи“ повеќе отколку по политики, лесно стануваат товар и за самите процеси што треба да ја приближуваат регијата кон ЕУ стандарди.
Во Абу Даби, формалната агенда на Рама беше енергетска: да ја претстави Албанија како земја што сака да ја зацврсти обновливата енергија и да изгради партнерства со ОАЕ и Италија, со амбиција до крајот на 2028 да ја постигне „целосната енергетска сувереност“. Но она што во јавноста остана како најгласен исечок не е енергетската стратегија – туку „монополот на филозофијата“ и „50-те милиони“ за Црна Гора.
Во регионот каде што политичкиот јазик често оди по раб, ваквите настапи имаат двоен ефект: дома можат да изгледаат „снажно“ и „шмекерски“, а надвор да звучат како ароганција. И токму затоа, секоја „шега“ од говорница, особено кога е насочена кон соседи, брзо се претвора во материјал за нови поделби – со или без официјални реакции.