Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ апелира до граѓаните за сериозен и одговорен пристап кон користењето на водата, откако високите температури предизвикаа енормно зголемување на потрошувачката и намалена издашност на изворот Рашче.
Поради преоптовареност на системот, во наредните денови можно е да има рестрикции во делови од општините Карпош, Аеродром и Кисела Вода, особено во вечерните часови кога потрошувачката е највисока.
Од претпријатието апелираат граѓаните да се воздржат од полнење базени, наводнување на поголеми зелени површини, полевање ниви и бавчи со вода од градскиот систем, со цел да се обезбеди нормално водоснабдување во сите делови на градот.
ЈП „Водовод и канализација“ потсетува дека рационалната употреба на водата е клучна за да се избегнат прекини во снабдувањето и да се обезбеди непречен пристап до овој ресурс за сите домаќинства.