Ревизија открива сериозни слабости и финансиски ризици во ТИРЗ: Недоволно искористени зони и неправилности во капиталните инвестиции

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај за ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) за 2024 година, при што се констатирани бројни неправилности и слабости во работењето.

Ревизорите утврдиле дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, додека седум од вкупно 16 зони, на површина од 203,5 хектари, како и една индустриска зона од 3,2 хектари, не се ставени во функција и не се дадени под закуп.

Исто така, капиталните инвестиции во тек, во вредност од 4,243,216 илјади денари (68,995,382 евра), се водат како материјални средства во подготовка, иако голем дел веќе се ставени во употреба. Амортизацијата не е пресметана, бидејќи не се исполнети условите и законските решенија за добивање одобренија за употреба.

До крајот на 2024 година, не била донесена тригодишна инвестициона програма за планирање на активностите, која е усвоена дури во декември 2024 и се однесува на периодот 2025–2027 година.

Ревизијата укажува и на сериозни слабости кај склучените договори за изградба на објекти по принцип „клуч на рака“. На пример:

  • Договор вреден 1,781,800 илјади денари (28,972,357 евра) за ТИРЗ Скопје 1 и 2, Штип и Прилеп бил склучен без анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија и без целосна проектна документација. Исплатен е аванс од 20% (302,000 илјади денари / 4,910,569 евра). Договорот не содржи јасно дефиниран начин на плаќање за проектната документација, што создава правна несигурност и финансиски ризик.
  • Во ТИРЗ Штип, административен објект, потпорен ѕид и пристапна улица се изградени без целосна проектна документација и дозвола за градење, што е спротивно на Законот за градење.
  • Во ТИРЗ Гевгелија, и покрај реализираниот договор за консултантски услуги, клучните активности за избор на партнер и склучување договор за јавно-приватно партнерство (ЈПП) не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетски средства.

Ревизијата открила и неправилности во рамковна спогодба за маркетинг и промоција, каде дел од услугите се извршувале и покрај тоа што постои Сектор за маркетинг и комуникација во ТИРЗ, а ефектите од извршените активности не се измерени.

Дополнително, ревизијата нотира дека во зоните кои не се функционално искористени се реализирани инвестиции од 143,408 илјади денари (2,3 милиони евра), а наталожени се и обврски по основ на задржани депозити, со реален ризик од судски постапки од страна на изведувачите.

  • Еден пример е депозит од 7,181 илјади денари по договор за закуп од 2024 година, кој до денот на известувањето од ревизијата не е вратен од закупецот, и покрај поведена судска постапка.

ДЗР за утврдените состојби дал препораки за намалување на финансиските и правните ризици, како и за подобрување на планирањето и управувањето со капиталните инвестиции и јавно-приватните проекти.

Зачлени се на нашиот е-билтен