Русија и Украина разменија 1.000 затвореници за три дена

Русија и Украина во неделата ја завршија размената на 1.000 затвореници, соопштија руското Министерство за одбрана и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Станува збор за најголема размена на затвореници од почетокот на војната пред три години.

Тридневната размена започна во петокот, при што најголемиот дел од разменетите беа воени затвореници, но беа ослободени и 120 цивили. Во последниот ден, во неделата, двете страни разменија 303 затвореници. „Денеска дома се враќаат војници од нашите вооружени сили, Националната гарда, Државната гранична стража и Државната специјална транспортна служба“, објави Зеленски на Телеграм.

Размената претставува единствениот конкретен чекор кон мир што произлезе од првите директни разговори меѓу завојуваните страни во последните три години. Преговорите се одржаа на 16 мај, но не донесоа договор за прекин на огнот.

Украина, САД и други западни држави повикаа на безусловно 30-дневно примирје како предуслов за започнување мировни преговори. Се проценува дека стотици илјади војници од двете страни се убиени или ранети во најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна, иако не постојат официјални и прецизни бројки за жртвите. Десетици илјади украински цивили исто така загинаа во војната, во која руските сили продолжуваат со масовно бомбардирање на украинските градови.

Во петокот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ќе биде подготвена да ѝ достави на Украина нацрт-предлог за долгорочен мировен договор по завршувањето на размената на затвореници.

Истата ноќ, руските сили изведоа најмасовен воздушен напад од почетокот на војната, истрелувајќи 367 дронови и ракети кон украински цели – вклучително и главниот град Киев. Во нападот загинаа најмалку 12 лица, а десетици беа ранети. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните противвоздушни сили уништиле или пресретнале 95 украински дронови во рок од само четири часа. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, додаде дека 12 украински дронови биле соборени на пат кон главниот град.

Зачлени се на нашиот е-билтен