Руски монах е осуден на две години затвор и парична казна од 5.000 евра поради нелегален престој во Грција во траење од три години, соопштија грчките власти.
Според судската одлука, казната нема да се спроведе, бидејќи монахот се согласил доброволно да ја напушти земјата.
Тој бил уапсен на аеродромот во Солун при обид да патува за Москва преку Истанбул, кога граничните служби утврдиле дека нема важечки документи за престој.
Истрагата покажала дека влегол во Грција во почетокот на 2022 година со двомесечна дозвола за престој, која подоцна истекла. Наместо да ја напушти земјата, монахот заминал на Света Гора – Атон, каде добил тридневна дозвола за престој, но останал повеќе од три години, живеејќи во рускиот православен манастир „Свети Пантелејмон“.
Пред судот монахот изјавил дека не успеал да се врати во Русија поради недостапност на авионски билети и дека очекувал само парична казна, не и затворска пресуда.
„Планирав да се вратам во 2022 година, но не можев да најдам билет. Живеев во манастирот ‘Свети Пантелејмон’. Сега сакам да се вратам во мојата земја,“ изјавил монахот во судницата.
Овој случај е меѓу првите што се процесуираат според новиот закон за имиграција во Грција, со кој се заоструваат казните за нелегален престој и прекршување на визен режим, особено на чувствителни територии како што е Света Гора, која ужива посебен автономен статус.