СДСМ: Левица има јавен договор со Мицкоски

СДСМ

СДСМ ја обвини Левица дека не делува како опозициска партија, туку како политички сојузник на власта и на премиерот Христијан Мицкоски.

Во партиско соопштение, СДСМ тврди дека Левица ја презела улогата на „сателитска партија“ на ВМРО-ДПМНЕ, со напади врз опозициските партии и со потези што, според СДСМ, ги попречуваат обидите за опозициско обединување.

„Тоа не е опозициско однесување. Тоа е јавна и јасна соработка со власта“, наведуваат од СДСМ.

Партијата посочува дека претставници на Левица имале средби со Мицкоски, а како дополнителен аргумент го наведува однесувањето на пратениците на Левица во Собранието, кои останале во салата во момент кога други опозициски пратеници ја напуштиле седницата по навредите од премиерот.

Од СДСМ тврдат дека Левица не може да се претставува како автентична опозиција додека, како што наведуваат, политички дејствува во корист на ВМРО-ДПМНЕ и ја напаѓа проевропската опозиција.

Во соопштението повторно се отвора и прашањето за стратешките позиции на Левица. СДСМ ја критикува партијата дека се спротивставува на членството во НАТО и на европската интеграција, иако, според нив, мнозинството граѓани ги поддржуваат тие определби.

„Левица не е опозиција. Таа е продолжена рака на Мицкоски“, порачаа од СДСМ.

Обвинувањата доаѓаат во период на засилена политичка пресметка меѓу опозициските партии околу Изборниот законик, една изборна единица и можноста за заеднички настап против власта.

Левица, пак, во одделно соопштение го обвини СДСМ дека со „таен договор“ со ВМРО-ДПМНЕ не дозволува опозициско обединување околу една изборна единица и дека со тоа го штити постојниот изборен модел.

Од Левица наведуваат дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ јавно се претставуваат како противници, но во пракса, според нив, наоѓаат заеднички јазик кога станува збор за изборниот систем, амнестиите и заштитата на сопствените позиции.

Политичката размена меѓу СДСМ и Левица се случува во ист ден кога во јавноста продолжија реакциите за ослободителната пресуда за Никола Груевски во предметот „Талир 2“, која двете партии ја користат како аргумент во меѓусебните обвинувања за договори со ВМРО-ДПМНЕ.

Најчитано